Иконата на боречките вештини и холивудската ѕвезда Стивен Сигал себеси се опиша како човек на Владимир Путин и најави дека сака да стане гувернер на Приморскиот крај, регион на рускиот Далечен Исток.

Сигал пристигна во Приморскиот крај за да учествува на филмскиот фестивал „Пацифик Меридијан“, кој се одржува во главниот град Владивосток. Кога новинарите го прашаа дали сака да стане гувернер, тој одговори дека ги претставува интересите на претседателот Владимир Путин и со задоволство би го преземал гувернерското место.

Сигал, исто така, им изјави на новинарите дека бил назначен за специјален претставник на Министерството за надворешни работи за односите со Јапонија, и дека планирал да даде максимални напори за зајакнување на дипломатските односи меѓу Москва и Токио. Сигал, исто така, работи како претставник на руското Министерство за надворешни работи за руско-американските односи од април годинава.

Филмската ѕвезда беше прашан за неговите политички аспирации, бидејќи ситуацијата во Приморски крај се комплицираше по гувернерските избори на 9-ти септември. Изборите завршија речиси нерешено, но резултатите беа поништени од страна на локалната Изборна комисија поради бројни поплаки за прекршувањата што ги добија кандидатите.

Датумот за новите избори во Приморски крај се уште не е закажан, но мора да се одржи пред 16 декември, според изборните закони.

Стивен Сигал доби руско државјанство во ноември 2016 година. Тој тврди дека неговите предци од страната на неговиот татко биле од рускиот Далечен Исток.