Пет компании од модната индустрија се обединија во иницијатива за подигнување на свеста за здравјето на жените и важноста на раното откривање на ракот на дојка.
Модата отсекогаш била начин на изразување, но овој октомври таа добива и една поинаква, подлабока порака – дека грижата за себе и сопственото здравје никогаш не излегува од мода.
Под мотото „Во мода е да се грижиш за себе“, компаниите МИКА, X FASHION, NEXT GEN, МИКЕЛ и ИГАЛ ФЕШН се обединија како организатори и иницијатори на настанот X FASHION PINK OCTOBER 2026, посветен на женското здравје, здравствената едукација и важноста на навременото откривање на ракот на дојка.
Една од организаторките и иницијаторките на настанот, м-р Елена Малинова Стојанова, во своето обраќање испрати силна порака за потребата жените, покрај секојдневните професионални и семејни обврски, да најдат време и за себе и за сопственото здравје.
Храброст е и да застанеш, да се погледнеш себеси и да кажеш: ‘И јас сум важна’“, порача Елена, нагласувајќи дека вистинската грижа за луѓето не завршува со професионалните резултати, туку подразбира и создавање средина во која здравјето, информираноста и благосостојбата се препознаваат како приоритет.
Важен дел од настанот е и едукативниот разговор со д-р Маја Стојановиќ-Чрчева, специјалист по радиодијагностика, и д-р Марина Илјовска, специјалист онколог, под модераторство на проф. д-р Александра Србиновска-Дончевски.
Токму проф. д-р Александра Србиновска-Дончевски има значајна улога во поврзувањето на петте компании околу заедничката иницијатива, како и во организацијата на настанот и вклучувањето на медицинските експерти во панел-дискусијата. Нејзиниот ангажман придонесе идејата за подигнување на свеста за женското здравје да прерасне во заедничка платформа за едукација, поддршка и општествена одговорност.
Преку отворен разговор со медицинските експерти, иницијативата отвора простор за прашања за кои често недостига доволно време или храброст да бидат поставени – од превентивните прегледи и раната дијагностика до факторите на ризик, можностите за лекување и стравовите поврзани со болеста.
Свеста постои, но редовните прегледи сè уште не се навика
Дополнителна причина за покренување на оваа иницијатива се и резултатите од интерната анкета спроведена во рамки на компаниите, кои укажуваат на значителен јаз меѓу информираноста за ракот на дојка и конкретните навики поврзани со здравствените прегледи.
Иако 84,3% од испитаниците се свесни за ризикот од рак на дојка во текот на животот, 47% изјавиле дека никогаш не направиле мамографија или ултразвучен преглед на дојките, додека само 21,6% навеле дека редовно ги прават овие прегледи.
Особено значаен е податокот дека 61,9% од испитаниците го посочиле недостигот на време како најголема пречка за редовните прегледи.
Истовремено, 57,5% сметаат дека е исклучително важно работното место да покажува грижа за здравјето на жените, додека 91,1% ја поддржуваат иницијативата за подигнување на свеста и рано откривање на ракот на дојка.
Иако резултатите се однесуваат исклучиво на интерната анкета и не се репрезентативни за целото население, тие испраќаат важна порака: информираноста е само првиот чекор, а вистинската промена започнува кога грижата за здравјето ќе стане дел од секојдневните приоритети.
Со оваа заедничка иницијатива, петте компании покажуваат дека модната индустрија може да биде повеќе од простор за стил, креативност и дизајн. Таа може да биде и платформа за едукација, солидарност и општествена одговорност, отворајќи разговори за теми што се важни за секоја жена. Затоа што трендовите се менуваат, но грижата за себе секогаш останува во мода.
Pressingtv.mk - содржините се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.