Планинарите кои сакаат да го освојат Монт Еверест ќе мора прво да покажат дека се искусни алпинисти. Ова е еден од предлозите на Владата на Непал во борба против се поголемиот број планинари кои го искачуваат највисокиот врв во светот.
Планинарите кои ќе аплицираат за Монт Еверест ќе мора барем еднаш да искачиле планина во Непал и тоа од најмалку 6.500 метри надморска височина. Исто така, ќе мора да се приложат докази за физичката спремност, како и да изнајмат искусни водачи.
Само годинава за неколку седмици загинаа 11 лица на Монт Еверест. Деветмина умреле на непалската страна на планината и две на тибетантската. Како една од причините за несреќни случаеви се наведува пренатрупаноста, односно гужвата на врвот.
Уште еден услов е тоа што потенцијалните искачувачи ќе мора да платат најмалку 35 илјади долари, а за оние кои сакаат да се искачат на некои други врвови од 8 илјади метри цената ќе биде 20 илјади долари.
„Ќе направиме нашите планини да бидат безбедни и достоинствени, изјавил министерот за туризам Јогеш Батари.
Непал е дом за осум од 14-те највисоки врвови во светот, а странските алпинисти се голем извор на приход.
Владата на Непал беше мета на критики бидејќи системот овозможуваше дозвола за искачување да добие секој кој ќе плати 11 илјади долари. Непал оваа сезона издаде рекорден број дозволи 381.
Comments are closed for this post.