Во Атина во музејот „Бенаки“ утревечер ќе биде свечено отворена изложбата „Иднината како проект/Доксијадис во Скопје“, на која куратори од Македонија и од Грција, 55 години по скопскиот земјотрес, првпат ќе го презентираат придонесот на грчкиот архитект, Константинос Доксијадис, во изградбата на Скопје по земјотресот.

Паралелно, на грчката јавност ќе ѝ биде претставена и работата на Кензо Танге, а ќе бидат презентирани низа згради на значајни југословенски архитекти кои се уште постојат во центарот на Скопје.

Куратори на изложбата се Калиопи Амигдалу, Ана Ивановска-Дескова, Јован Ивановски, Владимир Десков, Костас Циамбаос, а помошник куратор е Христос Критикос.

Калиопи Амигдалу, која е дел од кураторскиот тим и архитектонски историчар и стипендист на програмата „Марија Склодовска Кири“ во грчката фондација за надворешна политика ЕЛИАМЕП,  во разговор со дописничката на МИА од Атина, говори за тоа како се родила идејата за изложбата и македонско–грчкиот проект за пост-земјотресно Скопје.

Уште во 2016 ги запознав кураторите на изложбата од Скопје (Ана Ивановска, Јован Ивановски и Владимир Десков) кои веќе многу години работат на проучување на модерното наследство на Скопје. Во 2017 година, во рамки на една соработка со новинарот Тасос Телоглу во емисијата „Историес“ на телевизијата „Скај“, во која беше прикажан градот и проектот „Скопје 2014“, увидов дека Константинос Доксијадис  одигра активна улога во обновата на Скопје по земјотресот во 1963. Така дојде идејата, 55 години подоцна, да ја презентираме соработката меѓу научниците од нашите земја, но и да jа оживееме, здружувајќи ги нашите сили и нашето знаење преку заедничкиот проект-изложба. Во кураторскиот тим се вклучи и Костас Циамбаос, архитектонски историчар кој го проучуваше Доксијадис, објаснува Амигдалу.

Пред свеченото отворање на изложбата, ќе се одржи и меѓународна конференција. На првата сесија на тема „Обновата на Скопје“ ќе говорат Инес Толиќ од Универзитетот во Болоња, Костас Циамбаос од Државниот технички универзитет во Атина и Влатко П. Коробар од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

На втората сесија на тема „Во потрага по нова архитектонска иднина“ за архитектурата на пост-земјотресната обнова на Скопје ќе говорат Ана Ивановска-Дескова и Јован Ивановски од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и Владимир Десков од „Американскиот колеџ во Скопје“, а Зоран Петровски ќе говори за основањето на Музејот на современата уметност. Освен нив, свое излагање ќе има и Мароје Мрдуљаш од Универзитетот во Загреб.

Конференцијата ќе ја отвори претседателот на Грчкиот институт за архитектура, Илиас Константинопулос, а воведно обраќање ќе има и Калиопи Амигдалу.

На конференцијата поканивме говорници, кои ќе зборуваат за импресивен спектар на теми. Историјата на реконструкцијата на Скопје, придонесот на Доксијадис, модерните објекти од 60-тите и 70-тите години, кои беа изградени во градот, Музејот на современа уметност во Скопје, во кој има дела и од грчки уметници и општата архитектонска историја на Југославија по Втората светска војна се некои од темите кои ќе бидат презентирани – вели Амигдалу за МИА.

Изложбата и придружните настани се во ко-организација на Грчкиот институт за архитектура, Музејот на град Скопје и Музејот „Бенаки“ од Атина, а во соработка и со поддршка од „Атина 2018 – Светска метропола на книгата“ на општина Атина, а финансиски поддржана од Министерството за култура и спорт на Грција.

Изложбата во атинскиот музеј ќе биде отворена од 20 декември 2018 до 17 февруари 2019.