Навистина сме чудна некоја држава. Како можеше на толку мал простор да се соберат толку многу мрчатори!? Не само околу Владината мерка за повратот на ДДВ. Мрчатори има ама буквално за се. Па, еве и сега околу таканаречената реконструкција на кабинетот на премиерот Зоран Заев.

Се нешто мрчат. Околу тоа дали е ова вистинската, нашироко најавуваната и долгоочекуваната „метла“ произлезена од „научената лекција и примената порака“ испратена од страна на граѓаните по првиот круг од претседателските избори? Или е само мала „метличка“, што служи повеќе за декор, отколку за некакво вистинско зачистување? Па, де доказ дека Владата ни е и натаму двоглава, де дека Али Ахмети е првата виолина во неа, де дека премиерот на хартија добил таков шамар од коалициониот партнер, што му се свртило во глава, де дека не се знае кој кого лаже-дали премиерот на хартија граѓаните или самиот себе, де дека владејачката партија „пресушила“ со вистински кадри за вистинско место… Па, оттука доаѓа до израз единствениот според способностите, умеењето, знаењето, вештините, моќта и се по список Зоран Заев, а според приложената биографија за избор на нов министер за финансии „мал Јоже“ од прославениот и надалеку чуен Кумровец.

Затоа, Заев напред, мрчатори од сите бои, сфери и области стој! Доста е веќе! Премиер ли образложува или канта тропа!? Што е ова усул и разбирање да се немало!

Кога образложува и говори премиер треба да се слуша. А, како што ни кажува досегашното искуство, од тоа што ќе го рече и образложи нашиот премиер очекувајте го спротивното.Кога ќе рече дека ќе игра „метла“, тоа значи дека нема да игра „метла“. Кога ќе рече дека ќе има реконструкција на Влада, тоа значи дека нема да има туку чиста козметика и шминка. Кога ќе рече дека ќе бидат сменети осум министри, тоа значи дека ќе бидат пет. Кога ќе рече дека „метлата“ ќе ги опфати тие министри што не ги исполниле очекувањата, тоа значи дека тие остануваат во Владата, а си заминуваат тие што оствариле нешто. Кога ќе рече дека ќе бидат сменети министри Албанци, тоа значи дека коалициониот партнер ќе добие уште едно министерско место. Кога ќе рече дека ќе си заминат неспособните, тоа значи дека ќе дојдат способните, особено за политички систем кадри од типот на Командант Вентили, кој се покажа и докажа во тоа дека него не го интересираат граѓаните. Кога ќе рече дека е способен и упатен за министерското место за финансии, тоа значи дека подготвува варијанта да биде во составот на евентуалната Пржинска влада во случај на предвремени избори. Кога ќе рече дека културата ни е на прав пат, тоа значи дека допрва ќе биде подложна на лекарска, ревматолошка опсервација, а за терапијата допрва ќе слушаме. Кога ќе рече дека на веќе бившите министри треба да им одаде признание за нивниот придонес за доброто на државата и народот, тоа значи дека тие бадијала се менуваат и се откажуваат од привилегиите на министерските фотелји. Кога ќе рече дека… тоа значи едно големо ништо или гола, „дупла“ нула…

А, непотизмот, корупцијата, местените милионски тендери, селективна правда, нереформирано судство, отсуство на вистински реформи и се друго, што е составен дел на секој извештај на Европската комисија со години наназад, е сето тоа е помалку или најмалку важно. Зашто, од тоа не се живее. Особено не во новиот живот, што дојде, ама никој изгледа не може да го види и почувствува.

Мрчатори едни. Гледаат со погрешни очила, наместо со розовите на власта. Метла, метла, реконструкција, реконструкција е па што? Та биле, та не биле. И онака се е исто, само нив ги има. На сите позиции и функции.

Уф, мрчатор еден, ајде престани да мрчиш! Нека мрчат сега мрчаторите во Собрание. И таму ги има.