Кристијан Тимоние до сега можеби испраќал пораки во подзавиена форма, им давал поттик на политичарите од власта, што е нормално за секој еден амбасадор, тој треба да има одлични односи со власта, но….

Тимоние, амбасадорот на Француската Република го покажа своето лице, и сега го гледаме и слушаме Тимоние 2.0. Што значи тоа? Дека вистината ќе им ја плеска во очи, колку таа и да биле непријатна. Плус, Тимоние нема секогаш да пее во хорот на амбасадорите од ЕУ, туку кога ќе треба ќе солира, за да се чуе подобро.

„Што сте запнале со тој датум? Па имате толку многу проблеми. Во Струга градоначалникот се однесува скандалозно, УНЕСКО ќе ви го одземе статусот на Охридско Езеро, имате толку многу корупција, се менуваат директори на школи на дилетантски начин, блесаво е да барате датум за преговори овој период, имате толку многу проблеми, ќе треба уште да работите за да бидете спремни за датум, чудна ми е таа ваша опседнатост со датумот“!

Тоа главно го порача Тимоние, а што се им рекол во досегашните средби на владините претставници, тие самите си знаат. Во секој случај не е пријатно да се слушаат вакви реченици, особено не за политичарите од власта.

Но, кога ние со слични критики го оценувавме Извештајот за (ѓоа) напредок на ЕК и предупредувавме (и ќе предупредуваме) дека многу работи во тој извештај се кажани со сериозни  критики и оти не треба да се лета на крилата на слаткоречивоста на Могерини и Хан, туку да се соочат со неостварените реформи, тие удрија датум, сакаме датум, ни треба датум. Жедни за датум!

Тимоние не го кажува сопственото мислење, туку неговата изјава е измерена со дозиметарот на официјален Париз, на Емануел Макрон и Македонија сега мора да сфати дека пред неа е испречен солиден француски ѕид. Тоа не значи дека како Грција ќе не плескаат со вето, или ќе не кочат во евроинтегративниот процес, туку само ќе бараат резултати и резултати.

Според Тимоние, тие се спремни да бараат и влакно во јајце, таква е атмосферата во ЕУ. Дали ние сме спремни за такво нешто? Тоа е клучното прашање за Скопје.

Ад хок полициски акции, барање коруптивни случаи по потреба, проблеми со владеењето на правото, здравствен систем кој се клати, држава со слаба социјална платформа и тнт. не се гаранција дека Французите, но и не само тие, тука така ќе не пропуштат и ќе почнеме преговори со Брисел.

А, ако Франција и сите 28 членки решат да ни го дадат морковот сега и овде, тоа ќе значи дека и дава шанса на власта, дека е загрижена за нивните политички кариери, но не и за квалитетот на живеачката во Македонија. Такво нешто не е за очекување.

И, интересно, по социјалните мрежи веќе некои почнаа да бараат протерување на Тимоние?! „Тимоние персона нон грата„! Па, тоа веќе го гледавме со една влада, нели!