Не знам дали се уште се сеќавате или го паметите вицот за малото дете, кое седело среде соба на нокширче, а неговите најблиски претскажувале што ќе биде во иднина, кога ќе порасне. На него ми текна кога синоќа го гледав дуелот меѓу екс-премиерот и претендент за нов мандат Зоран Заев и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.
Во времето на комунизмот или социјализмот, со човечки лик, нели, немаше услови како денес. Па, сите, цели семејства се собираа во една соба. Еден ден на малото му се прикакало. Било на возраст од година ипол-две. И брзо, брзо на нокширче. Додека тоа си вршело нужда, сите околу почнале да дофрлуваат.
Убав тој на мајка, кога ќе порасне, сигурно ќе биде инженер.
Не, не, вели таткото, сигурно ќе биде правник, на мене.
Баба како баба, пак, загрижена за своето здравје дофрла-ма каков инженер, каков правник, златен тој на баба, сигурно ќе биде лекар. Ќе се грижи он за баба.
А, дедо, пак, стар лисец, сите ги негира. Ништо од сето тоа. Ќе биде политичар и готово.
Е, од каде на каде, пак, сега политичар, како знаеш, прашува мајката.
Сигурно. Дури и повеќе од тоа, возвраќа дедото. Па, зарем не забележувате. Сите не гледа во врв очи, а одзади прави бербат. Лом.
Така и синоќа. Зоран Заев преку малите екрани сите не гледаше во врв очи, или, подобро речено, ние го гледавме, а он одзади си правеше бербат. Не во буквална смисла на зборот, нели, туку фигуративно.
Како прав политичар, ќе рече некој. А, отвори уста, а почнуваат да течат лаги. Веќе ни бројот не им се знае. Човекот си има сериозни проблеми со вистината. Проверено и докажано.
Кој сегмент од дуелот човек да го спомене? Правдата, неправдата, владеењето на правото и функционирањето на правната држава, самостојното обвинителство и судство, пријавувањето на „Рекет“, папагалското или гебелсовото повторување на Груевски, контактите со него, тајните од мобилниот телефон, системот на вредности, економските успеси, изградените 750 километри патишта, странските инвестиции, најавената економска револуција со предизборната програма, едно општество за сите, македонска или мултиетничка партија, значката со НАТО и нашето знаме, „Луј витон“ паричникот…
Кој сакате одберете го, ќе дојдете до наједноставниот заклучок дека се што кажа е светлосни години далеку од реалноста. А, за вистината, пак, и да не говориме. Зашто, тој самиот е одлепен. И од реалноста и од вистината.
Внимавајте, сето ова без да се спомене ни збор за тоа што го зборувал и правел и во текот на кампањата за парламентарните избори во 2016 година и во текот на неговиот мандат како премиер. Тоа е башка приказна. Од името на државата, жичката македонска, воздухот, дишењето, па до платите, вработувањата, прогресивниот и рамниот данок, стандардот на граѓаните, социјалната правда… Тука не помагаат ни виршли, ни лажна скромност, ни гебелсови пропаганди, ни… Ама апсолутно ништо не помага. Едноставно и чисто, „жива превара“, што би рекле нашите соседи од север.
И кога Заев ќе рече-„Јас сум чесен“, тоа има сосема друго значење. Замислете го само како мало дете ставено на нокширче. Доволно е. Се ќе ви биде јасно.
А, оние кои и натаму имаат доверба во него, само нека продолжат така. Нивно право. Демократски е. Можат и песна да му испеат. Од типот „…Ние ти се колнеме…“. Зашто, како велат, додека има овци, ќе има и волна
Comments are closed for this post.