Деветтиот круг, или последниот круг од пеколот како што е опишан од Данте во неговата Божествена комедија, се наоѓа во центарот на земјата. Во деветтиот круг се предавниците, и место во жежок оган, тие се замрзнати, заледени во длабок мраз. Тоа е сликата за деветиот круг на пеколот, и не залудно самиот Данте предавството како најгрозен чин го сместил во последниот и најсуровиот круг на пеколот.

И конечно дојде крајот на деветтиот пратенички состав, а воедно и крајот на политичкиот пекол. Овој пратенички состав ќе остане запаметен како најлошиот во нашата парламентарна историја.

Граѓаните со срам ќе се сеќаваат на предавството на „славната осумка“ што власта ја искористи како монета за поткусурување при гласањето за уставните измени за промената на државното име, а последно и за законот за јавно обвинителство. После бурниот политички викенд и политичкиот циркуз во законодавниот дом, како шлаг на тортата првиот социјадемократ и бивш премиер повика на политичка парада од собранието до судот.

Социјалдемократите со намера да тргнат на прав пат, тргнаа на прав пад. Маршот е врвот на целата нивна мизерија и политичка неспособност. Ветуваа подобар живот и правда за сите. Ниту живот дојде, ниту правда. Вистината е дека дојдоа гладни за власт и жедни за политичка одмазда. А народот, оној народ што уште малку остана во оваа чудесна земја, остана прелаган и посиромав.

Агендата на социјалдемократите беше една и единствена – влез во НАТО клубот што скапо го плативме со промената на државното име. И токму тоа беше и единствената задача на оваа власт – да дојде на власт за да го смени името на државата. Нивната употребна вредност беше еднократна и сега откако го потрошија ваучерот што го добија од меѓународната, време им е за во опозиција.

А за изминатиот период од нивниот мандат ќе се сеќаваме на една од поголемите политички афери, аферата Рекет што тотално го урна владеењето на правото во оваа држава, а со тоа целосно и скоро непоправливо се урна и довербата на граѓаните во државните институции.

Значи предавството, неспособноста, корупцијата, лагите, изгубената доверба од граѓаните се главните одлики на оваа власт и политичкото лидерство на социјалдемократите. Потребна е смена на тоа лидерство. И колку поскоро се смени тоа лидерство во тој политички кампус, толку подобро и за државата, затоа што таквото труло лидерство пречи и на чесните и паметните во тој кампус што реално имаат идеи и визија за подобрување на опшетството и државата.

Низ стихови, Данте го опишал пеколот и деветте круга на страдањето. Неговата Божествена комедија е задолжително дело за читање уште во средното образование. А треба да биде задолжително дело и за сите идни политичари и лидери на народот.

Симболично, тоа дело носи мудрост и учи кои се казните за направените гревови. За гревовите направени кон својот народ и кон својата татковина местото на предавниците е во деветтиот круг на пеколот. Политичкото лидерство на социјалдемократите ја заврши својата предавничка политичка мисија, така што местото им е во деветиот круг на Данте, ако и таму, воопшто има место за нив.