Ете, да не беше мојот уредник и колега Љупчо Златев, немаше да знаеме дека екс-премиерот, претендент за нов мандат и лидер на владејачкиот СДСМ, Зоран Заев, имал ќелии. Не, не, не од оние затворските. Скраја да е. Нив може да ги посетува, како премиер, нели, а којзнае, можеби некогаш…Туку, од оние мозочните, што тој самиот во еднина ги именува како-ќелија од паметот.

 

Па, така, угледниот, честит и достоинствен Зоран Заев ни соопшти оти верува дека ќе победи на претстојните вонредни парламентарни избори. Воопшто на памет не му паѓало дека ќе изгуби, дека мисли на победата, на вредностите и ни една ќелија од паметот не му помислувала дека ќе изгуби. И само така, патем, пак ќе подметне дека народот му дал мандат, па кога го добил тоа право донел одлуки.

Каква ќелија, каков мандат, какви одлуки!

На страна неговиот оптимизам, што е апсолутно негово право, посебно со анкети со резултати од 102%, и во опкружување во неговиот штаб, кое се повеќе наликува на „Цела Шутка Ес-Де-Ес“. Непобитен факт е дека Зоран Заев на изборите во 2016 година не го доби мандатот од граѓаните, ниту, пак, го доби нивниот мандат за одлуките со кои се фали. Првиот го доби со помош на волјата на „чадорот“, а вториот со голо силување на Уставот, законите и сите демократски, политички, морални и етички норми само за да се стави Македонија под винкла во геостратешките и геополитичките односи.

И кога Заев ќе каже „ни една ќелија од паметот не му помислувала дека ќе изгуби“, тоа значи дека нема само една, туку има повеќе. Според научните сознанија, мозокот на просечен човек содржи сто милијарди мозочни ќелии. Е, сега колкав е тој број кај Заев, богами тешко е да се утврди. А, посебно за што му служат. Или, подобро речено, кој дел од нив, посебно од оние што го одредуваат односот кон вистината и лагата, превагнува.

Ако се следи досегашното искуство со него како човек и премиер, повеќе од сигурно доминираат тие поврзани со лагата. За вистината прашање е дали му останува една, единствена. А, и таа кога ќе се активира, брзо ја менува страната, во од се прешалтува. Можеби ја нема ни таа едната, единствената. Па, затоа и кога ќе потенцира дека е верник, само хули по Бога. Иако, за волја на вистината, собираше по едно евро од квадрат и за него. Којзнае, и Божјото око може е ненаситно. Исто како и човечкото.

Нејсе. Колкав и да е бројот на ќелии во паметот на Заев, тие мораат на фабричко подесување. Ако се погледне во Дигиталниот речник на македонскиот јазик, подесување е изведенка од глаголот подесува, што има значење на нагоди, намести, штелува. Без фабричко подесување, Заев ни самиот себе си не си верува, не пак некој друг.

П.С. Како вистинско, чисто популистичко ветување Зоран Заев најави укинување на патните трошоци на пратениците. Зошто тоа не го стори во досегашното владеење и што го спречуваше? Дали укинувањето на патните трошоци ќе значи плаќање кирии за сите народни избраници, кои не се од Скопје или тие ќе одат на нивна лична сметка?