Една политичка шега вели дека кога починал некој политичар, неговата душа пристигнала до рајските градини, каде што го пречекал св. Петар. Тој му рекол на политичарот дека Господ сеуште нема одлука за него каде да биде сместен дали во рајот или пеколот, па така таа одлука останува на политичарот, бидејќи тој во текот на целата негова кариера носел политички одлуки. И така св. Петар му кажал на политичарот дека може да погледне и на двете месте, и во рајот и во пеколот, а потоа каде што ќе му се допадне да одлучи да остане. Политичарот најпрво отишол во пеколот и кога пристигнал таму видел многу свои пријатели, колеги, сите дотерани и убаво облечени, среќни, танцувале, уживале во изобилство од храна и пиење. Потоа, политичарот отишол и во рајот, таму исто така видел свои пријатели, среќни, исто така имало храна и пиење до бескрај, но сите што ги видел таму времето го поминувале на облаци свирејќи харфа и пеејќи. Откако политичарот видел како е и на двете места на св. Петар му соопштил дека избира да оди во пеколот, бидејќи таму има повеќе забава, а во рајот дека е многу досадно. Св. Петар се зачудил на тоа, но сепак ја почитувал неговата одлука. Политичарот среќен со својата одлука заминал кон пеколот, но кога се отворила вратата од пеколот политичарот се нашол варејќи се во казан на вжештен оган. Политичарот зачуден на тоа го запрашал на ѓаволот што се случува, а ѓаволот му одговорил дека сето тоа што претходно го видел во пеколот било само предизборна кампања.
На претстојните претседателски избори трката за позицијата на Водно ќе ја трчаат професорската тројка Пендаровски, Силјановска и Река. Тие веќе ги собраа потребните потписи во предвидениот законски рок. Макар што официјално стартот на кампањата е на први април, претседателските кандидати се растрчани на терен и веќе остваруваат партиски средби и со граѓани. Од нивната реторика јасно е дека копјата ќе се кршат за Преспанската спогодба, за што двајцата кандидати Силјановска и Пендаровски имаат спротивставени ставови. Промената на државното име ќе биде фокусот на претстојната претседателска предизборна кампања. Власта ќе се фокусира на евроатланските интеграции, а опозицијата ќе ги лови грешките на власта и лошите владини политики.
„Консензуалниот“ кандидат Пендаровски за втор пат ќе се обиде да ја трча претседателската трка. Интересно е што кај нас за прв пат се појавува жена за кандидат за шеф на државата, па тоа е и освежување на домашната политичка сцена. И двајцата кандидати Силјановска и Пендаровски се претставија како натпартиски кандидати, па сметам дека и најголемиот предизвик за двајцата ќе биде токму тоа да покажат дека се кандидати за претседател на повеќето граѓани. А за кандидатот поддржан од Алијанса на Албанците и движењето Беса, професорот Река сметам дека е кандидиран со цел да ги капитализира албанските гласови кои се незадоволни и нема да гласаат за актуелната коалициона влада.
Од политичката шега на почетокот на колумнава, поуката од тоа е да не веруваме на се што ќе видиме и чуеме во текот на предизборната кампања за претстојните претседателски избори, туку со нашиот здрав разум и свест критички да пристапиме кон предизборните ветувања пред да го дадеме својот глас за претседателските кандидати. Така изборот останува на нас дали ќе веруваме на досега покажаното и „рајски“ прикажано, или ќе мудро ќе одлучиме за идниот претседател на државата.
Comments are closed for this post.