Писание, думание… што да чинам, што да правам? Да кажам… сè е кажано! Да подучам… сè се знае: еве, во соседна Грција „постојат етнички Грци кои зборуваат на грчки јазик и кои се сметаат дека се дел од хеленската цивилизација и се декларираат како Македонци“, знам звучи парадоксално, но така велат од нашето министерство, потоа,  од грчкото МНР си дознаваме дека Договорот од Преспа не признава: македонски народ, нација и јазик, а од нашата влада, пак, сме брифирани дека нема етнички Македонци во соседството, а во јужното нема ни говорители на македонски јазик, се работело за извесни специфики!? Знаеме дека владата нема да ги разменува спомениците, но ќе им бидат ставени плочки со објаснување дека се од хеленската култура (за да не ни оди умот на античко македонската!) дознаваме и дека ако не се применува новото име „Република Северна Македонија“ ќе се смета за непочитување на Уставот, а во врска со ова следат редица преименувања на институции создавани во годините на изградба на македонската држава, а на ред е и МАНУ – очајно!

Во меѓувреме се одвива „северно лидерската сапуница“, која не умее, а и не сака да се справи со загаденоста на животната средина и зачестената смртност, дивоградбите и платформите од партиско-религиозен материјал. Важно, струшкиот градоначалник се поднови со лимузина од 67.000 евра, а во петокот беа донесени пресудуте за „27 април“, при што 16 обвинети добија вкупно 211 години затворска казна, во услови на селективна амнестија и непримерно менување на казнениот законик. Останува впечатокот дека не ги чувме најбитните одговори за овој случај, останаа некажани и недокажани, при судство и право исполитизирани! Трагедија, која не смее да стане традиција!

Тоа е така, затоа што во државата, класата на политичари (сосе со нивните семејства, роднини и пријатели) се однесува небаре се од Бога поставени, а не од избирачите – тие се овластени да судат, да расудуваат и да одлучуваат за сè во општеството. И ова трае во континуитет, веќе 3 децении! Современици сме на еден неолиберален феудализам! Не, не е ова грешка, изразот ми е точен! Тоа е вистината за нашето општество, (не)вредности, (не)размислување, (не) делување, отуѓенсост, неукост, (не)почитување – секој во својата група, но, под гнетот на владеачката партиско-религиозната каста. Таа пак, во изминативе 30-на години збогатувајќи се со подлости и измами, неука и сурова, транзитира од родољубиви македонствувачи во севернисти-преспанисти и бугаро-добро-соседисти.

Да, ова е нашата сурова реалност! При што, деформацијата на човечката природа и достоинство, понизното однесување, корумпираноста, клеветењето,  себичноста и интересите се прифаќаат како доблест! Постепено стануваме (не)морални чудовишта, никаквеци со плитка општествена идеја и грдосија, извитоперена карикатура. Длабоко во себе посакувам, еден ден,  да прозвучи до секое ќоше на нашата татковина, крикот човечки од нискиот и понижен живот, од ужасот и срамот од рефлексијата на нашето сегашно скотско битисување, а иднината да го демантира ова мое писание!

Меѓу другото, да ве потсетам: СЕВЕРНА, никогаш! МАКЕДОНИЈА на Македоците!