Varsity Blues“ ќе биде на репертоарот по завршувањето на претстојните избори и неминовното општествено-политичко-партиско „разбуричкување“ што досегашната состојба го наметна, а новата динамика го генерира. Дотогаш, уште малку, месец-два, ќе си погледаме репризи на „Очајни домаќинки“.

Во филмот „Varsity Blues“ од 1999, главниот лик е Џонатан „Мокс“ Моксон, академски надарен заменски бек на училишниот фудбалски тим во измислено градче во Тексас. Во духот на американскиот сон, тој се бори за спортска стипендија на Универзитетот „Браун“ и напорно тренира под надзор на тренерот Бад Килмер. Килмер е бескрупулозен, инсистира на „успех по секоја цена“ и се бори за 23-та регионална титула на неговиот тим. Затоа, кога на една утакмица тимскиот бек и капитен Ленс Харбор (кој веќе добил спортска стипендија за Универзитетот на Флорида) се повредува, тренерот го тера да земе инјекција со анестетици за да продолжи да игра, но поради тоа Ленс се здобива со уште потешка повреда, веќе не може да спортува и ја губи стипендијата и „билетот за славата“. Мокс го заменува Ленс на двете позиции и набрзо се судира со тренерот Килмер. Судирот ескалира кога уште еден играч од тимот сериозно се повредува, тренерот повторно инсистира на „спасоносна“ инјекција по ризик на здравјето и кариерата на уште еден талент, но Мокс и целиот тим го одбиваат, се разидуваат со тренерот и без него победуваат во клучниот натпревар. Епилог: Килмер си заминува од градот, Ленс станува тренер на училишниот тим, а Мокс добива стипендија, но никогаш не игра професионален фудбал..

Не може да постои одделен систем на прием во колеџите за богатите и, ќе додадам, нема да има ниту одделен кривичен систем… За секој студент примен низ измама, чесен, изворно талентиран студент е одбиен“.

Ова е изјавата на Ендрју Лелинг, Сојузен правобранител за Масачусетс при откривањето на шемата на измами неделава, во која 33 богати родители плаќале на тренери и комисии од 200 илјади до 6,5 милиони долари за прием на нивните деца на престижни колеџи низ мамење на тестови и создавање лажни спортски портфолија во 6 американски сојузни држави. Во описот на обвинетите, тој посочува дека родителите се „каталог на богатство и привилегии“.

Операцијата за откривање на оваа измама е наречена “Varsity Blues”, по филмот. Една од обвинетите во шемата, актерката Фелисити Хофман, ја знаеме како ликот на Линет Скаво од серијалот „Очајни домаќинки“.

Овој текст не е глорификација на американскиот правосуден систем, ниту претендира да го опише очекуваниот правен епилог. Но, битно е дека и низ овој случај ни се покажува функционирањето на системот кој таму постои и функционира затоа што е заснован на консензус на заеднички вредности што поединците ги усвоиле во САД – принципите на еднаквост пред законот и на еднакво право на шанса. А тоа системот го прави посакуван и штитен од секој што сака да биде штитен од самиот систем, поединечно и институционално. Штом се сетиме дека многу европски земји во блиско минато судеа свои поранешни високи функционери, а за правдата се достапни и високи претставници на клерот, станува јасно дека владеењето на правото не е геодетерминирано.

Но, ако се запрашаме дали веруваме дека некоја „операција Varsity Blues“ е можна тука, одговорот тешко дека ќе биде потврден кај повеќе од 15% оптимисти. По „операцијата Свилен гајтан за СЈО“ и 15% веројатно е дарежлив индикатор, но ако сепак го прифатиме, ќе забележиме дека тој е приближен на оние 15% млади студенти кои својата иднина сеуште ја гледаат во Северна Македонија, за разлика од 85% нивни анкетирани врсници кои, без оглед на својот социјален статус, се определиле за барање излез кон нормалност по завршувањето на студиите надвор од државата. А ако прашаме дали таква ни е неопходна, одговорот е во обратна пропорција – 85% да.

Затоа во овие редови не се осврнувам на дебатите што традиционалните медиуми ни ги сервираат како „топ-теми“ или „вистини“. Ликовите во нив одамна престанаа да ја дразнат публиката, а прашањата и начинот на кои ги опсервираат, како и политиката на нашето секојдневие – се надминати и неинвентивни. Бидејќи се потребни ликови со решенија, а прашањата сите ги знаеме. Знаеме и дека ако брзо не заигра операција “Varsity Blues”, не очекува реприза на „Очајни домаќинки“.

Всушност, операција „Varsity Blues – Macedonian Edition“ ќе биде можна и неминовна по завршувањето на претстојните избори и неминовното општествено-политичко-партиско „разбуричкување“ што досегашната состојба го наметна, изборите го одлагаат, а новата динамика го генерира. На пр. со ветинг не само на полициските (туку и други високи административни) службеници, а зошто да не и на политичари, со случајот „Банки“, отворените случаи на СЈО, со проверка на штанцаните дипломи од „гранап-универзитетите“ низ администрацијата… како вовед во средувањето на неколкуте столбови на системот – безбедноста, образованието, здравството, правосудството… ослободувајќи го и бизнисот од парто-политичката стега и општеството од клиентелизмот како личен код и еталон за колективна прифатливост.

П.С. Обата филма се петнаесетина години стари. За новата филмска продукција уште не сме ни зборувале.