Бог да не чува и да не брани. Човек со лева рака да се крсти и тоа токму на Светскиот ден на левучарите. Зашто, не може да верува во тоа што го слуша и гледа.

Замислете, Владата донела одлука да формира оперативно тело за борба против корупцијата и криминалот во кое ќе членуваат дузина министри и уште друга дузина функционери од други државни институции! И тоа откако добро се одморија и добија убав тен на кожата. Што би се рекло, се уморија од одморот, па сега одлучиле да се фатат со работа.

Исти луѓе, само сега во друга улога!? И кога истите тие министри и функционери биле во вистинска улога на борци против криминалот и корупцијата? Всушност, кога таа борба против најголемото зло во државата почнува? Од сега? А, што правеле истите тие луѓе на такви министерски и функционерски позиции досега? Дали тоа значи дека се што досега зборувале и правеле било само обична реторика, лага и гола вода?

Одговори не се потребни. Тие се јасни како ден. Самиот факт дека Владата формира ново тело, што во многу наликува на создавање влада во влада или систем во систем, покажува дека извршната власт е целосно затечена со случајот „Рекет“. А, ако сакате и дека никој од министрите и функционерите не си ја вршел работата како што навистина треба и едноставно тие самите дозволиле да царуваат криминалот и корупцијата, а Боки и Зоки се слика за кулминацијата. И тоа токму во време кога сите очи се вперени во Македонија, заради се што помина за конечно да ги започне преговорите за членство во ЕУ и НАТО.

Сега делува апсурдно и надвор од здравиот разум дека сите министри и функционери биле со синдромот на доктор Џекил и мистер Хајд. А, што мислеле, ако воопшто мислеле кога се ределе на „баци рака“ кај неговата екселенција Боки 13? Приказната за поделени личности не минува, оти вече има индиции дека некои се инкриминирани со фотографии, разговори, снимки…

И наместо да паѓаат оставки и одговорност сега со гол популизам треба на народот да му се замачкаат очите. .