Рушењето на СЈО низ аферата „Рекет“ е рушење на симболот на враќање на системот во функционална нормала. Затоа, време е за оставки. Министерот за правда треба да го „поведе орото“. Било какви преговори за „иднината на СЈО“ се депласирани, па најдоброто што може да се очекува е Специјалното да се врати во редовното Обвинителство. На „орото“ треба да му се приклучат уште најмалку двајца министри – надворешниот и европскиот. Додека тие гувееле низ европските метрополи, Брисел, Берлин, Париз… знаеле за „рекетот“ и јасно индицираа дека системската слабост и корупцијата на највисоко ниво го одлагаат датумот за почеток на преговорите, а се друго е дипло-политичка куртоазија. Датум за преговори? Тешко оваа година, со оваа и ваква Влада.

Кога ќе се види кој се го примал Бојан Јовановски во кабинетите, станува јасно дека само „кафекуварката“ во Владата се нема сликано со него. Сликањето само по себе не е кривично дело, но сликите секако биле корисни за потврда на неговата блискост со власта и „осилување“ на операцијата што ја спроведувал или се потврда за соучесништво во операцијата. На ова прашање треба да одговорат сите повикани.

Јавни се шпекулациите за вплетканост и на уште политички и правосудни функционери во градењето на оваа „рекет-империја“. Темелна истрага треба да покаже кој се е вплеткан во оваа операција што очигледно имала за цел градење пара-систем со истражна, политичка и медиумска позадина спонзорирана од власта. Особено доколку тие биле или се и функционери во владејачката партија. Впрочем, внатрешната битка на социјал-демократите е веќе во полна пареа, а и самата оваа афера е нејзин производ. Со сето ова во вид, ова е втората прилика во која Заев може да ги санира последиците на потресите во системот. Со оставка од премиерската позиција и предвремени избори, бидејќи „рибата смрди од главата“. Само наивните би се изненадиле доколку наскоро не чуеме нови афери.

Странците (не) се невини во приказната

Индицирањето вмешаност на странски државјани во аферата започна со самото нејзино загатнување. Но, ако има и грам точност дека еден телефонски разговор со дипломат во заминување од Скопје ја делел Јанева од притвор, легитимно е прашањето колку во оваа операција се вмешани и странски државјани и дипломати. „Пукањето“ на скандалот коинцидира со заминувањето на холандскиот, Пломп, кој инсистираше опозицијата да учествува во одредувањето на судбината на СЈО, а панично се спротивстави на идејата за предвремени избори што таа ги бара. Сега, по пројавата на Ванхауте, сликата се комплетира со истите играчи кои во пржинскиот процес (оправдано) бараа институционално средство за обезбедување правда и одзаробување на државата, а сега се соочени со фактот дека менувајќи ги играчите и задржувајќи ја играта – не постигнале ништо суштинско.

Затоа, ако владите што ги претставуваат овде сакаат да го задржат барем имиџот на непристрасност и принципиелност, би било корисно да се залагаат барем за истите принципи и стандарди за кои се залагале пред три-четири години. И ни помагале да се приближиме кон нив. Тие треба да поддржат истрага што темелно ќе расчисти еден нов македонски „октопод“, трет по ред од 1997 и од 2014, во кој медиа-полициско-полит-правосудна мрежа сака да го сетира економскиот живот во Македонија. Треба да ги поддржат иницијативата за ветинг и паралелно меѓународната истрага што треба да определи каде се имало нелегално движење на пари кон и од Македонија, преку кого и за какви цели. Интересно, во таквата операција прв ефект ќе биде…

Дебардизирање на „бардовите“

1Тв беше претставена како медиум со висока концентрација на „новинарски бардови“, кои сега, еден по еден се евакуираат од телевизијата назад во медиумите од кои потекнуваат, со се помало влијание врз јавноста. Интересно, сите тие потекнуваат од медиуми и програми кои редовно биле корисници на фондови особено од споменатите држави. Во најголем дел со отворена симпатија кон социјал-демократите, во голем дел на располагање во „политичкото масакрирање“ на се и секој што не игра по музиката на дуо-триото СДСМ/ВМРО-ДПМНЕ/ДУИ во последните две децении, а без исклучок во дипло-полит-нво-медиа-службењачката камарила од скопско „Дебармаало“.

Но, „дебардизирањето“ не се однесува само на новинарите. Митовите и влијателноста на многу аналитичари, невладини „активисти“, советници и политичари паднаа и покрај поддршката (особено) од традиционалните медиуми, за кои одржувањето на статус-кво-то беше поприфатливо од градењето на новото. Со истиот резултат ќе се соочат сите што ќе сакаат да стават нова фасада на постоечките политички субјекти. Едноставно, во куќа со подјадени темели, звучната изолација е најмал проблем.

Не си префрлајте за тоа што сте биле добронамерни

Оваа порака важи пред се за сите добронамерни марширачи на „Шарената“ и активисти и поддржувачи на промените. Немаме причина да си префрламе за добрата намера. Половина од работата е завршена. Ќе погрешиме само доколку се откажеме од убедувањата, принципите и политичкиот активизам, препуштајќи им го просторот на фејкерите и системските миленици. Тие и онака се ухлебија низ власта и нејзините орбитери и веќе се неупотребливи.