Претседател е вообичаена титула за шеф на држава. Етимологијата на зборот претседател потекнува од латинскиот јазик со значење „оној што седи напред“ во собрание и воспоставува ред на дебатата според установените правила. Во повеќето држави со републиканско уредување, улогата на претседателот е повеќе церемонијална, а додека во државите со претседателски или полупретседателски системи, претседателската функција има големо влијание.

На пример, во Соединетите Американски Држави моќта на претседателската функција се зголемила од нејзиното формирање до денес, така што претседателот истовремено е шеф на државата и на владата. Денес, позицијата на американскиот претседател е една од најмоќните светски политички фигури, а можеби и најмоќната во светот.

Првиот вторник од првата седмица на месец ноември, традиционално на секои четири години во Соединетите Американски Држави се одржуваат претседателските избори. Од вторникот до денес, светот скоро без да симне поглед гледаше на изборите во САД и тоа беше еден долг американски филм од Холивуд.

Едно вистинско политичко шоу, кое повеќе наликуваше на политички избори со македонски шмек, отколку на американски избори. Следејќи ги случувањата со американските избори овој пат имав чувство како нашата државна изборна комисија да им ги организираше изборите на американците. Се гледа дека американците мешајќи во нашата внатрешна политика научиле нешто и од нас.

Освен што останав со чувство дека овој пат американските избори се организирани по некој балкански терк, туку видовме дека и американското општество е сѐ повеќе поделено како и кај нас. Неизвесност на резултатите, обвинувања за изборни измами, најави за тужби и правни последици, огромен број на гласови по пошта, вистинско лудило. Што ли се случуваше во земјата што себеси се нарекува „најголемата демократија во светот“?

Сагата со американските избори за претседател заврши викендов со победа на кандидатот на демократите, којшто ќе биде 46-тиот американски претседател, а воедно и најстариот избран претседател во американската историја до сега. Што може американците да очекуваат од новоизбраниот најстар американски претседател?

Тој во својот прв говор после победата порача дека е време за обединување на длабоко поделената американска нација. А тоа, всушност е и многу потребно на длабоко поделената и болна американска демократија. Колку е поделена и болна видовме по изборите, во текот на изборната кампања, а и во последната година од претседателствувањето на Трамп.

А, пак гневниот и лут Трамп одбива да го признае изборниот пораз и има намера правдата да ја бара поведувајќи судски постапки за изборни измами. Наместо да направи мирна транзиција на власта како што е традицијата во американската политика, Трамп се однесува како да е наш македонски политичар. Всушност, Трамп кај нас има многу свои обожаватели и подджувачи. Дали тие симпатии се заради тоа што Трамп е од Републиканската партија, па митот дека републиканците нѐ поддржуваат, а демократите се против нас, кое што всушност е само еден мит.

Вистината е дека кај демократите има силно албанско лоби, кое што преку американските демократи ги остварува своите интереси тука на Балканот. И затоа можеби Трамп како републиканец има многу свои обожаватели тука кај нас. А можеби, Трамп освојува(ше) симпатии тука преку Меланија, нели таа е наша, т.е. по потекло е од тука, од нашиве бивши екс-ју краишта. Всушност, вистината е дека ние му помогнавме на Трамп да стане претседател преку Велешката фабрика за лажни вести, а на Трамп и Меланија, ама баш ги заболе за нас тука.

Едно е сигурно, без разлика кој ги води Соединетите Американски Држави тие се наш долгогодишен стратешки партнер. Ние како држава треба тесно да соработуваме со американците, без разлика дали нивниот претседател е од демократите или од републиканците. Амерканците ќе продолжат да дејствуваат „преку Калето“ мешајќи се во нашата внатрешна политика.

Дали демократите или републиканците, американците ќе продолжат да си ја тераат својата надворешна политика во свој интерес. Во реалната политика гледаме дека секоја нација или народ ги брани своите интереси и тера по својот пат. И по 30 години, наместо да навиваме за демократите или републиканците, време е да научиме дека треба да навиваме за нас и да одиме по нашиот пат бранејќи ги нашите национални и државни интереси.