Леле, леле, кога ќе се видат за некој ден премиерите на Македонија и Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов. Сега уште и олеснети со заложбата да прекине говорот на омраза, што односите меѓу двете земји ги доведе до точка на вжештување.

А, за какво олеснување се говори навистина не знам, кога оценка на официјална Софија е дека антибугарското расположение во Македонија доаѓа како резултат на државно спонзорство. Што значи дека државата Република Македонија со нејзините институции имаат „вродена фабричка грешка“, па ги поттикнуваат Македонците да ги навредуваат и омаловажуваат драгите ни и мили источни соседи, Бугари. Оди ти сега и докажувај дека тоа нема врска со вистината и реалноста. И дека тоа Татари и фашисти е резултат на провокации н а поединци од Софија или на непобитни историски факти и вистина.

Па, не се сите Никола Тодоров. Само тој може да каже дека го воспитувале и учеле да ги мрази Бугарите. А, човекот поранешен министер за образование и наука. И што не преземал мерки да го спречи тоа, ако навистина така мисли? Можел да покрене кампања, да ги смени учебниците, и тие постарите и тие што беа издадени во негово време, во кои евентуално, според него, имало поттикнување на омразата кон Бугарија и Бугарите. Можел, ама не направил ништо. За да може сега да биде протагонист и приврзаник на длабоките љубовни односи и врски со Бугарија и да ни држи лекции дека е доста со историјата. Како да бил „подмачкан“ за да го преземат бугарските медиуми и сајтови.

Туку, за Борисов и за Заев ми беше зборот. За пет дена треба од Софија заеднички да копретседаваат преку конференциска врска со Берлинскикот процес. Можете да замислите на какви изливи на нежност и обострана љубов ќе бидеме сведоци?

Прво пречек, па прегратки и бакнежи, па јас тебе сердаре, ти мене војводо, па на заедничка маса еден до друг, па широки насмевки, па нежни допири со нозете под маса… Како вистински браќа и блиски пријатели.

Оставете ова што вели бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи дека во оваа етапа официјална Софија не може да му каже „да“ на Скопје за одржување на меѓувладината конференција за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Тоа е само за пред бугарската и македонската јавност. Колку да се знае кој е главен и постар брат, што нели, треба секогаш безусловно да се почитува и сака. Сигурен сум дека нашиот Заев, нежно на увце, ќе успее да му дошепне:

-Бојко, ми фалиш, будалче!

А, како нема да му фали? По толку еуфорија за добар Договор за добрососедство и пријателство со Бугарија. Од кој, ете, сега може да се види дека формулацијата „заедничката историја“ ќе ни тежи како јамка околу вратот на патот кон ЕУ. А, убаво предупредував, да лично, во неколку наврати дека треба да стои „заеднички процеси во историјата“. Ама попусто. Во оваа држава и онака никој никого не слуша, ниту сака да слушне. Си има умни глави, кои мислат дека се најумни и дека целиот свет се врти околу нив и само околу нив.

И сега, како ќе ја гледаме чашата со вода? Како полуполна или како полупразна? Наспроти сите искрени намери за добрососедство и вистинско пријателство со Бугарија и Бугарите. Иако, искрено, мислам дека, народски кажано, сакаат преку леб и погача. Да тврдат дека Македонците постојат од еден пресвртен датум-2 август 1944 година, дека до тогаш биле Бугари, дека македонскиот кодифициран јазик е бугарски дијалект пишуван на машина за чукање на српски јазик, е надвор од здравиот разум и секоја рационална логика.

Како само убаво Захариева се обидува да ни ја продаде приказната за споделена историја со Грција и Турција, ама за заедничка со Македонија. Видиш, и Одринско и Македонија, Хитлер и ги дал на Бугарија да ги „администратираат“ за време на Втората светска војна. Само никогаш не слушнавме дека Бугарија побарала и инсистирала во грчките учебници тоа да не се учи, Бугарија да не се именува како фашистичка или да не се споменува дека истата таа „бугарска администрација“ ги депортирала грчките Евреи во нацистичките логори на смртта. Тоа може да го бара само од Македонија.

Да, точно, Бугарија и Грција го потпишале Нејскиот договор за размена на територии и население. Со сите ужаси, што тој ги донел, Бугарија никогаш не побарала од Грција да потпише дека останатото население, кое не сакало да замине во Бугарија, да се води и смета како Бугари!?

Лесно е Бугарија да се настапува од позиции на сила, да се уценува, омаловажува, дискредитира…Тешко е да ги почитува европските и цивилизациски вредности, а уште потешко да се соочи со реалноста, како што вели Захариева, која почнала многу порано од 2 август 1944 година.

Сосема друга работа е ако нашиот премиер Зоран Заев нешто ветил, па сега од тоа бега како ѓавол од темјан. Само се се дознава. Ништо не останало тајна, па нема ни тоа. Прашање на време е кога ќе излезе на површина.