Високи и пеколни температури. Македонија влегува во жолта фаза. Таква е состојбата на времето во државава. Но, исто така и на домашната политичка сцена. Треба да се внимава. Ем од жешкото време, ем од изјавите на премиерот.

И тоа како треба добро да се внимава на тие изјави дека во игра се сите опции како враќање на мандатот, предвремени парламентарни избори, реконструкција на владата, но и друг наместо него да добие мандат за да формира влада. Тој не е наивен човек, а напротив тој е бескрупулозна и хазардна личност, и притоа не бирајќи средства само и само да се биде и остане на власт. А ние, не треба така наивно и здраво за готово да веруваме на тие изјави.

Ајде малку да се вратиме назад во времето. Од референдумот за промената на државното име па наваму рејтингот на оваа коалициона влада е во слободен пад. Тоа се потврди и на последните претседателски избори.

И сега спасот единствено се гледа во добивањето на датум за отпочнување на преговори со ЕУ. Така премиерот сега на маса ги става сите карти и се коцка до крај, на се или ништо. Но секако ние не треба да му веруваме дека игра за да не добие ништо. Викендот од претседателскиот кабинет излезе иницијатива за промена на постоечкиот изборен модел со образложение дека предложената иницијатива е во насока на создавање на пропорционален изборен модел со отворени листи и намалување на бројот на изборни единици.

Оп, имаме испитување на теренот, и стимул за малите политички партии јавно да го искажат својот став. Од власта свесни дека на парламентарните избори би губеле со ваквиот опаѓачки рејтинг, а преку отворени листи би направиле подобри калкулации и максимизирање на гласовите, а секако тука не се исклучени и притисоците на терет врз електоратот. Тоа е многу полесно од позиција на власт кога сите државни ресурси се во нивни раце.

Потоа, власта се обиде набрзина со европско знаменце да го протурка законот за попис. Се сеќаваме дека последниот обид за попис во 2011 година заврши неуспешно со истрага за криминал. Тогашната претседателка на државната комисија за попис поднесе оставка и како причина наведе сомнеж дека се подготвувало фалсификат во тоа време, а во 2018 година СЈО отвори истрага против поранешниот лидер на опозицијата со сегашен престој во Будимпешта и против претседателот на интегративците.

Тогаш од СЈО изјавија дека двајцата осомничени лидери го стопирале пописот затоа што знаеле дека со тоа ќе им се нанесе штета на нивните партии. Така поучени од минатото, зашто сега власта брза да се турне Законот за попис. Исто така, се поставува прашањето, ако во минатото раководството на интегративците заедно со тогашниот коалиционен партнер биле спремни за фалсификат на пописот, тогаш зашто па сега да не се спремни на тоа, истото тоа раководство на интегративците и сегашниот коалиционен партнер.

Да, пописот на населението е една нормална статистичка операција што треба да се прави секое десетилетие во државите заради креирање на успешни политики во повеќе области. Но, кај нас пребројувањето на населението и тоа како има многу важно политичко значење, и тој што е на власт како и да брои треба правилно да брои за на крај да испадне магичната бројка од 20% што го симболизира соживотот во државата и е важен фактор за политичките елити да се одржат на власт, а особено партиите од албанскиот политички блок.

Премиерот е свесен дека датумот за отпочнување на преговори со ЕУ нема да го бидне во скоро време, а исто така е свесен и за опаѓачкиот рејтинг на неговата партија и другарчињата – интегративци, па затоа сега ги фрла сите карти на маса и го игра покерот за власт.

Тој е прагматичен и бескрупулозен играч. Но, тие со кои што сега игра се одамна во политиката, и се многу поискусни во играта за власт. Тие големите од ЕУ се исто така прагматични и бескрупулозни играчи, и верувам дека во нивните раце се појаките карти од играта. Така, во светската политика, а и воопшто во политиката нема ветувања, а пред се интереси. Времето и понатаму останува жешко со високи температури, летово нема во ЕУ!