За Европската унија како проект на мирот, проект на високи демократски стандарди и блаблабла…сум се изнапишал одамна и искрено сум кренал раце разочаран од нивните двојни стандарди. А Македонија и Македонците со сите нивни загарантирани права со меѓународни конвенции, пак, блаблабла…имаат можеби најмногу право да негодуваат заради двојните стандарди. Сум напишал и дека требаше да почнеме преговори за членство одамна. Но, не даваат. Едни да, други не, и нема консензус. Кога не пикнаа во косовската кошница (сега демек сме во албанска) реков оти треба да ги замрзнеме односите со ЕУ, да размислиме каде сме што сме, па да донесеме одлука што и како понатаму. Ама, ние не сме (блаблабла…контемплативно општество). Не не бива за мозгање и за игри на умот. Ние сме како ќе ни каже моментот и апла се на маса. Името на пример. Еве ви го името!

Затоа го разбирам премиерот Зоран Заев што веројатно е фрустриран од Европејциве што „тој испорачал, а тие не испорачуваат“. Очајно бара датум за почеток на преговори, да се крене рампата…Ама, кој да ја крене? Холандија, Германија, Франција, Данска….?Многу рампи има на патот, а во ЕУ, кога се во прашање нивните интереси, ништо не е случајно, па ни ова одлагање. И, што зарем ќе ни падне тешко што пак ќе чекаме датум, кога веќе 15 години сме во чекалница? Секако ништо позначајно за нас, ние сме научиле и сме виделе се.

Од друга страна и на билатерален план со овие наредени земји во подолг период имавме падни-стани односи, па и поддршката во тие земји за наше членство во ЕУ видливо паѓаше. Холандија е типичен пример за ова. И овие работи не се менуваат преку ноќ, ќе треба многу време за да ја вратиме довербата.

Секако, ако го читаме Извештајот на Европската комисија ќе се забележи извесен напредок, но најголема тежина имаат договорите со Бугарија и со Грција, кои допрва ќе предизвикуваат внатрешни проблеми, но во ЕУ не је креваат само заради „испорачаното“, туку те мерат од глава до петици, а во исто време и тие самите се мерат. Имаат внатрешни проблеми во Унијата и тоа реални, оти европскиот блок не е истиот од претходниот состав на Европскиот парламент, па и многу политики сега поинаку ќе се дефинираат.

За нас е најважно какви сме и дали имаме вистински напредок. Бидејќи уште сме кадарни да спроведеме меродавни анкети за тоа како се живее во нашата ни земјичка, правете анкети и измерете се самите од првиот до последниот во Владата и тоа е поважно од некаково симболично добивање датумот за отворање на поглавјата. Датумот, најмногу, сепак, му е потребен на Заев, а нам реален напредок кој никако да ни се случи.

И во моментов најдобро ќе биде Брисел да му даде датум за предвремени избори, а тоа ќе биде добро и за премиерот, наместо да ја плаши Европа со радикални национализми. Со реформите драгите наши во власта потфрлија, во области како судството, екологијата или здравството опасно потфрлија, оти тоа го плаќаме со нашето здравје, а цената за тоа во политиката секогаш се плаќала. Оти потфрлија и со метлата, од која реално настрада само оној јаден метлар фатен на видео како ѓубрето го фрлал во река.

И затоа што од Берлин владиниот тим не се враќа со едра во грбот, туку со ветер на промени, време е сериозно да се размисли за избори наместо реконструкција на влада.