Во теоријата на хаосот, ефектот на пеперутката е феномен според кој некоја мала промена во околностите може да предизвика друга голема промена со огромно влијание. Или во популарната култура, метафорично прикажано преку треперење на крилата на една пеперутка на едно место на планетата, после некое време нејзиното затреперување може да предизвика цунами во друг дел од светот.

Светската криза со ширењето на корона вирусот само покажува колку светот е глобализиран, или колку сме сите зависни едни од други.

Колку и да мислиме дека настаните што се случуваат далеку од нас дека немаат никакво влијание врз нашите животи, напротив кризата со корона вирусот токму тоа го покажа дека едно мало треперење на крилата на една пеперутка може да има огромно влијание во светот. Или малку посурово кажано, еден  изеден лилјак во Вухан за брзо време предизвика пандемија на корона вирусот во светот.

И некако како да се насетуваше дека оваа нова 2020 година човештвото ќе се соочува со големи и тешки предизвици. На почетокот на годината очекувавме дека ќе избие трета светска војна со натегањето помеѓу САД и Иран, па се случи Брегзит, па се подготвувавме за нов бран на мигранти, и само за броени денови се соочивме со светска пандемија на корона вирусот.

И ние како и другите држави во светот се соочуваме со опасниот корона вирус. Гледаме како се затвораат границите, а светот е во парализа. Светската здравствена организација и нашите власти препорачуваат само-изолација како една од мерките за заштита во борбата од ширење на корона вирусот. Во овој период треба да останеме во своите домови. Сега е време да бидеме со своите најблиски.

А некако како да бевме подзаборавиле да го цениме времето со своите најблиски живеејќи динамично, но и себично. Како што во сообраќајот возејќи еден зад друг треба да пазиме на дистанца, така сега треба да пазиме на социјална дистанца едни меѓу други. Живеејќи дистанцирано во ова тешко време за светот, најверојатно ќе научиме колку вреди и значи допирот за да ги почувствуваме другите.

Живеејќи во карантин е добар начин да научиме колку можеме да придонесеме со нашето (не)правење за заедницата. Претпоставувам дека изолацијата ќе биде тешка за сите од нас, коишто сме зависници од кафе, а знаеме дека одењето на кафе надвор во јавниот живот во нашата култура е еден вид на дневен ритуал.

Многу пати сме го слушнале тоа, ако има пожар кај комшијата, за многу брзо пламенот може да стигне и во нашиот двор. И така стана. Од Италија вирусот набрзо се рашири во цела Европа и светот.

Исто така сме слушнале дека пријателите во неволја се познаваат, па видовме како Кинезите со свои лекарски тим и опрема долетаа кај Италијанците. Но, и нас не нѐ заборавија. И уште нешто, во ова кризно време токму сега е време да се обединиме наспроти сите лажни повици за национално помирување од квази политичари. Во ова кризно време белки најпосле ќе научиме дека сами на себе и меѓу себе треба да си помогнеме за да излеземе уште посилни од оваа криза, а и во иднина.

Треба да престанеме да очекуваме дека некој друг ќе ни го исчисти ѓубрето во сопствениот двор и да се надеваме на лажни илузии дека некој друг од надвор ќе ни го направи животот подобар. Ние сме мала држава и во овој многуполарен свет треба да научиме да користиме од можностите од сите поголеми играчи на светската политичка сцена.

И за крај, обично се вели дека после дождот има сонце. И не мора да значи дека после затреперувањето на пеперутката повторно ќе има цунами. Ова чума што нѐ снајде ќе помине. Ќе ја победиме со добра организација и дисциплина.

Кина докажа дека може да се победи. Ако може Кина, можеме и ние. Ние не сме Кинези, но може да учиме од нивното искуство. Да останеме позитивни и со надеж дека следното затреперување на пеперутката ќе има позитивено влијание во светот и кај нас.