Кога птицата е жива јаде мравки. Кога ќе умре, мравките ја јадат птицата. Едно дрво дава милиони кибритни чкорчиња, но едно чкорче е доволно да запали милиони дрва. Времињата и околностите можат да се сменат во секој момент, затоа не повредувајте никого во животот. Сега може да сте силни, но запомнете дека времето е посилно од вас. Затоа бидете добри и правете добрини.
Буда (563 п.н.е.-483 п.н.е.)
Искрено, не знам дали премиерот Зоран Заев воопшто ја сретнал оваа мудрост на индискиот духовен учител и оснивач на будизмот во својот живот, но по последното рочиште за случајот „Монструм“ знам дека е светлосни години далеку од неа, а за нејзина примена во пракса, пак, не може да стане ниту збор. Зашто, едноставно е изгубен во својата т.н. политичка прагматичност.
А, само пред четири дена истиот наш премиер се појави во улога на тужител на новинарот Зоран Божиновски. И тогаш, пред судот, објасни дека е толерантен човек и оти ретко тужи, но во случајот се нашол погоден затоа што Божиновски го ставил во некаква рекет шема, дека некој земал 60 милиони евра, па дури и дека е земен аванс.
-Ме нарекуваат багра и јас морав да им објаснувам на моите деца и на семејството. Прагот на толеранција ми е висок, но ова не е само еднаш. Јас сум едноставен човек, со нормални чувства, и не сакам да минувам низ вакви моменти, изјави меѓу другото пред судот Заев.
И така, нашиот премиер застана во одбрана на својот углед, достоинство и чест. Иако тоа „багра“, според Дигиталниот речник на македонскиот јазик, има значење само на „лошо друштво“, што, нели, сите нас, уште од мали нозе не учат сами да го бираме и притоа да внимаваме со кого се дружиме.
Но, тоа што најмногу зачудува беше леснотијата со која во случајот го вмеша своето најблиско семејство, поточно своите деца. Да се живи, здрави, среќни и весели, впрочем, како и сите деца на светот. И цел живот од златни лажици да јадат.
Сега, сосема логично, се поставува прашањето дали истите деца ќе го прашаат својот угледен, достоинствен и чесен татко, премиерот Зоран Заев, дали е тој „политички монструм“?! И тоа прашање не произлегува од напис на еден новинар, туку од директните случувања на судскиот процес, што го доби кодното име „Монструм“. А, зад кодното име „Монструм“ стои петкратното убиство кај Смилковското Езеро во близина на Скопје во кое жртви беа четири младинци и еден рибар. Четири, исто така, нечии деца и еден, исто така, нечиј татко!
За жал, овие четири деца, во цутот на својата младост ладнокрвно егзекутирани од луѓе-нелуѓе, чисти човечки монструми, и тоа на Велики четврток, два дена пред големиот христијански празник Велигден 2012 година, не можат ништо да ги прашаат своите родители, а таткото-рибар не може да одговори на прашањата на своите деца. Не дека немало ништо да го прашаат. И родителите и децата остануваат со животната болка, што не може со ништо да се излекува.
Ах, таа проклета политика или, подобро речено, непрокопсана желба за власт! Што се е подготвен човек да направи за да ужива во нејзините благодети!
За да дојде до таа власт, премиерот Зоран Заев, малку подоцна, во 2015 година, тогаш како опозиционер, стана бомбашот Бошко Буха. Барем самиот така рече и приматот за тоа не го дава никому. Во употребата и користењето на своите т.н. „бомби“ од прислушкуваните разговори, покрај другото, тргна да ја докажува и „вистината“ за настаните кај Смилковското Езеро. Притоа, не водејќи сметка за чувствата на родителите на некои други деца и на децата на некој друг татко.
Дали и што во тој момент го прашувале неговите деца и што тој им одговорил, веројатно останува само они да си знаат. И ете, пет години подоцна, обвинителката Фатиме Фетаи пред судот обелодени дека нема друга вистина за петкратното убиство, туку само една! Истата вистина врз основа на која извршителите, чистите човечки монструми беа веќе осудени од страна на судот.
И повторно се се враќа на политички терен. Притоа, едно станува сосема јасно. Зад целиот настан и зад „бомбите“ за Смилковското Езеро стои еден, единствен збор-монструми! Со и без наводници, во зависност од тоа кој со каква диоптрија гледа на се.
Ако извршителите, луѓето-нелуѓе, се чисти човечки монструми без никакви наводници, тогаш исти такви монструми без наводници се и нарачателите на грозоморниот чин. За жал, нив досега никој не ги споменал, а повеќе од сигурно постојат. И овие монструми требаше да послужат претставниците на тогашната политичка елита во државата да се прикажат како „монструми“ на кои не им е ништо свето и за да ја задржат власта се подготвени на се, па дури и на свирепо убиство на четири млади деца и на еден случаен рибар. А, за потврда дека тоа е така беше неопходен и еден „политички монструм“ во ликот и делото на бомбашот Бошко Буха, кому некрофилијата не му била непозната работа, како и чистото поигрување со родителски и детски чувства.
Само Господ знае колку буџетски средства се потрошија за повторување на целата постапка за „Монструм“. За што? За да се дојде повторно до истата и единствена вистина! Колку тужби ќе треба да се поднесат трошоците за оваа рашомонијада да не паднат на товар на даночните обврзници на оваа држава, туку на товар на тој што ја предизвикал? Една, две, три, стотици, илјадници…?
А, колку тужби ќе бидат потребни и има ли цена поигрувањето со болката и со чувствата на обвиените во тага родители и деца? Или тие не можат да се поврзат со нивниот углед, достоинство и чест, зашто едноставно не се политичари или во крајна линија премиери? Нашите политичари и премиери се над нив и над сите нас. И имаат посебн, специјални чувства за докажување на својот углед, достоинство и чест.
Comments are closed for this post.