Во последнава декада, истражувањата и резултатите за развојот на демократијата во светот покажуваат дека демократијата во повеќето држави во светот е во надолна линија. Луѓето ја губат довербата во демократското уредување и тоа се случува се повеќе и почесто дури и во најразвиените западни демократии.

Почнувајќи од глобалната финансиска криза во 2008 година, луѓето се повеќе се разочарани од либералната демократијата како форма на управување во државите.

Во 2016 година, изборот на Доналд Трамп за председател на САД и гласањето за Брегзит во Велика Британија се моменти што го означуваат тој огромен бран на незадоволство и разочарување што стигнува дури во срцето на западниот свет.

И само четири години подоцна разочарувањето кулминира со официјалното повлекување на Велика Британија од Европската Унија и поразот на Трамп на последните претседателски избори во САД. А насилството и настаните што се случија во американскиот Капитол на почетокот на оваа 2021 година само го наговестуваат новиот постковид светски поредок.

Деновиве е официјалната инаугурација на четириесет и шестиот, а воедно и највозрасниот избран претседател во историјата на САД. Тоа е момент што ќе го следи целиот свет, а смената на власта во САД носи и големи промени во светот.

Не верувам дека со изборот на новиот американски претседател Џо Бајден дека демократскиот дефицит во светот ќе се подобри, но со сигурност ќе се сменат многу работи на светската политичка сцена. Очекувањата се дека новата американска администрација на чело со Бајден ќе започне со промени за да покаже разлика со политиките на Трамп, а воедно и поагресивно ќе ја враќа лидерската позиција на САД во светската политика.

Ве меѓувреме на Балканот, за прв пат од 2003 година во последното истражување на Freedom House за демократиите во светот за 2020 година, сите шест држави од Западен Балкан се oквалификувани како држави со хибридни режими, каде што демократските институции се кревки и има значајни предизвици пред политичките и граѓанските права.

Таа промена во Западен Балкан се случува во време кога процесот на пристапување кон Европската Унија е закочен поради несогласување на државите членки на Унијата и проблемите внатре во Унијата.

А и поради силната позиција на држави членки како нашиот источен сосед што ја користат таа позиција како дел од гломеото друштво во свој интерес заради решавање на билатерални спорови во регионот. Забавувањето на евроинтегративниот процес на Западен Балкан оди во прилог и отвора простор за други политички играчи да го претворат Балканот во геостратешка шаховска табла. Зголеменото присуство на сили како Русија, Кина и Турција на Балканот со сигурност ќе го потикне повторното поактивно вклучување на новата американска администрација на чело со Бајден.

Што може ние како држава да очекуваме од новата американска администрација на Бајден и регионот на Западен Балкан? Новата американска администрација и Бајден лично веќе имаат политичко искуство на Балканот и со сигурност Балканот ќе биде интересен за оваа администрација.

Прашањето за независноста на Косово, нефункционалноста на Босна и Херцеговина, а секако и нашиот проблем со источниот сосед ќе бидат едни од работите каде што американците ќе покажат доминантна улога. Дали Бајден ќе ни помогне да го решиме спорот со Бугарија и да го добиеме долгоочекуваниот датум за почеток на преговори со ЕУ?

Спорот со источниот сосед може и ќе се реши, американците може ќе го убрзаат изнаоѓањето на решение, но не мислам дека тоа решение ќе биде најповолно за нас.

Сепак мислам дека поважно е да се решиме од овој хибриден режим на власт во државава. Џо нема да ни помогне да го исчистиме ѓубрето во сопствениот двор. За тоа треба сами да се погрижиме. Зарем се уште не сфаќаме колку ни е гнасен дворот? Дали блескаме кога гледаме дека веќе се чувствува економската криза.

Соседните држави веќе набавија вакцини и започнаа со вакинацијата против коронавирусот, а кај нас сеуште нема вакцини. А власта во меѓувреме прави социјален инженеринг преку реформа во основното образование за да удоволи на туѓите интереси. Сето тоа смрди. И тоа многу.

Во новиот постковид светски поредок со сигурност треба да го смениме овој хибриден режим. Џо нема да помогне во тоа, и тоа не е дека еден дел од граѓаните го фаворизираат Трамп, туку сега Џо има премногу за чистење во сопствениот двор, така што нема да се занимава со чистење на нашиот двор.