Во времето на комунизмот, кога како Македонци се чувствуваме големи, пред се, заради тогашната ЈУ-федерација, во односите меѓу Македонија и Бугарија царуваа предрасуди втемелени на комунистичките пресметки меѓу раководствата на двете соседни држави. И нормално, сето тоа претставуваше непресушен извор на шеги и вицови на сметка и на едната и на другата страна, што ќе рече меѓу двата соседски народа, македонскиот и бугарскиот.
Заради тогаш актуелната неврзана политика на Маршалот, демек Југославија не припаѓала ни на Запад, ни на Исток, односно ни на НАТО, ни на Варшавскиот пакт, имаше и еден виц за бугарскиот комунистички лидер Тодор Живков. Веќе не се ни сеќавам како точно гласеше, ама се сеќавам дека завршуваше во стилот дека седејќи и свирејќи на клавир му се пожалил на Маршалот дека му завидува на неврзаноста, пеејќи му оти тие, Бугарите, или барем нивните еднопартиски политичари, не можеле да го следат, зашто „и там сме е*ани и вам сме е*ани“.
Арно, ама, времето тече и, нели, се се менува. А, ние имаме премиер, па макар тој бил и во заминување, кој веќе е изгубен во просторот и времето, па заборавил што му е основна должност и обврска.
Угледниот, честит и достоинствен Зоран Заев за време на форумот за енергетска соработка меѓу двете земји, Македонија и Бугарија, што се одржува во неговата родна Струмица, меѓу другото ќе рече дека „наш долг е постојано да повторуваме дека Бугарија е еден од најголемите и најискрени пријатели на РС Македонија“. И уште ќе додаде дека „ние сме братски народи“ и оти тоа било негова „позиција“. Барем така пишуваат медиумите, пренесувајќи ја БГНЕС.
Се ќе беше убаво ако сето ова не се случуваше истовремено со објавата на ставот на Бугарската академија на науките околу македонскиот јазик, кој ти бил, барем според најумните глави во Софија, „писмено- регионална форма на бугарскиот јазик“. За волја на вистината, овој став ниту некого изненадува, ама ниту некого остава рамнодушен.
Тоа што делува застрашувачки се сосема измешаните брзини на премиерот во заминување. Негов долг не е постојано да повторува, што значи Бугарија за Македонија, туку, меѓу другото, негов долг и обврска е да ги чува и штити честа, достоинството, угледот, образот и се останато што го чини македонскиот народ, без оглед што под тоа подразбира самиот тој. Ако тоа не го прави, налет и добрососедство, налет и Бугарија, налет и зацементиран идентитет, налет и неговата македонска жица… Понижен, навреден, обесчестен, исплукан, деноминиран, непостоечки, избришан Македонец не му треба никому, па и на самите Македонци, а најмалку на еден премиер во заминување, кој претендира на нов мандат.
А, од кого и за што?! Од оние, што ги распродаде како старо ѓубре и железо на отпад? За да им продава бели бубрези дека сега имаат свои носачи на авиони? За да му цветаат семејните бизниси? За да лежат по затвори за десет ќебачиња, додека тој се препелка во рекети, бомби, олигархиска малограѓанштина, сељачки популизам, апсолутна моќ…?!
Нејсе. Не верувам дека не знаел оти и бугарските членови на заедничката комисија за историјата и учебниците престанале веќе да ја користат придавката „македонски“. Сигурно знаел и тоа многу добро знаел. Ама, пустото, што да прави кога основна политичка девиза му е „да ја свиткаме кичмата“. Е, виткај, виткај, и кичма се довиктува, па се крши. А, којзнае, можеби и си потпевнува „и там сме е*ани, и вам сме е*ани“.
Уште три недели. Па на зимски распуст каде, ако не кај Бојко. Macedonia timeless.
Comments are closed for this post.