Значи, дефинитивно, беспрекорноста не вирее во Македонија! И тоа според највисокиот правен акт во државата-Уставот!

Да не е трагично, ќе беше смешно. Како што праксата досега покажа и докажа безброј пати.

Името на Драган Ковачки, полковник од редовите на македонската армија, ја разбранува јавноста. Име апсолутно не познато досега, ако не беше предлог на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за местото министер за внатрешни работи во техничката влада, што ќе треба да ги спроведе најавените, но се уште неизвесни предвремени парламентарни избори, закажани за 12 април 2020 година.  Се разбира, ако се иземат указите на поранешниот и актуелниот претседател на државата, Ѓорге Иванов и Стево Пендаровски, во кои се споменуваше и стана политичка монета за поткусурување по смената на врховниот командант.

И за овие два-три дена Ковачки повторно стана политичка монета за поткусурување. А, човекот ни збор нема изустено. Јавноста ниту го знае, ниту го познава.

Ама затоа има беспрекорна професионална биографија. И неа никој, ама буквално никој не ја оспорува. Зашто, ниту може, ниту смее. Чиста е како солза. Без партиски, политички, семејни, клановски или било какви дамки. Без никакви сомневања, таква каква што е, би успеала и поминала во која било средина од евроатлантските структури и држави. Што е и нормално, зашто поминала токму низ нивното сито и решето.

Е, арно ама, за таква професионална биографија нема место во политичкиот живот во Македонија. Не била три години без униформа или, подобро речено, надвор од армискиот состав. Според Уставот!

Да, да, според истиот Устав, кој, нели, не е Светото писмо и може да се менува по потреба. А, за негово не почитување и да не говориме. Зашто, кога е најпотребно тука се неговите заштитници. Од сите политички бои и структури. И човек да не е на местото на Ковачки. Уште малку, кај и да е, истите тие уставни душегрижници ќе го направат дури и државен непријател број 1!!!

На кого ли само „очи му извади“! Ја тој, ја неговата беспрекорна кариера, ја евентуално сознанијата, што ги има како дел од разузнавачките структури!

Но, нејсе. Клучно е прашањето зошто истите заштитници-уставни душегрижници, деновиве не споменуваат иницијатива за разрешување на колегата на Ковачки, заменикот министер за одбрана Беким Максути?! Или тој е на функцијата според истиот тој Устав? А, можеби за него тоа не е важно, важно е што е предложен од ДУИ, главниот албански коалиционен партнер во власта? Кој треба да сноси одговорност за тоа?

Што и да е во заднината, двојните аршини стануваат врвка околу вратот за власта. На меѓународен план нив ги имаме почувствувано безброј пати. Исто и дома. Но, тие не водат напред и стануваат пречка во евроинтегративните процеси. И тука не помага никаква партиска или било каква друга пропаганда.

Условувањето на одржувањето на предвремените парламентарни избори не поминува. Или владеење на правото и функционирање на правната држава, што ќе рече, пред се, почитување на Уставот од и за сите или продолжување на агонијата. Во која премиерот во заминување Зоран Заев добива сосема нова улога-од „политичар“ кој решава проблеми, станува ризик за безбедноста и на државата и на регионот!