Се сеќавате ли на стариот виц за дресираниот папагал, што знаел и да зборува, а сопственикот го земал со себе на одмор, зашто дома немало кој да го чува?!

Еве да потсетам на него. Сопственикот Перо решил да оди на годишен одмор, ама не знаел што да прави со миленичето Куки, папагал што знаел и да зборува. Прашал блиски роднини, пријатели, соседи за да го причуваат, ама пустото никој не се нафатил на секојдневна обврска. Видел, не видел, морал да го земе со себе. Но, не знаел дека на граница важат истите правила и за миленичињата. И тие мораат да имаат пасош. Кога Перо стигнал на граница, полицијата и цариниците прво си постапиле според сите правила. Пасош за Куки инаку не можете да ја минете границата. Простете, ама не сум знаел за ова, вели Перо. Добро, тогаш или платете 500 денари или ќе мора главата да му летне, зашто не смееме да го пуштиме преку граница, понудила друга опција полицијата и цариниците. Сето ова го гледал и слушал Куки. И со главата де лево, де десно, де во едните, де во сопственикот. А, сопственикот, пак, возвраќа, простете, но папагалот чини помалку од 500 денари. Тој износ за мене е голем. Слушајќи го тоа и проценувајќи дека дијалогот меѓу сопствникот и пограничните власти може да донесе непосакуван епилог, во кој влогот е неговата глава, конечно се јавил и Куки и отсечно му се обратил на својот човек-Перо, Перо, ај не прави глупости за 500 денари!?

Не знам зошто, ама настапите на угледниот, честит и достоинствен премиер, сега веќе во заминување, Зоран Заев, на парламентарната сесија за пратенички прашања и при посетата на Охрид, веднаш ми асоцираа на вицот за Куки и Перо. И којзнае по кој пат си го поставив истото прашање-што прави и зошто земаат плата членовите на неговиот пи-ар тим? Или и тие веќе кренале раце од него?

Одговарајќи на пратеничко прашање околу енромните надоместоци на плата, што ги делела на кого стигне екс-шефицата на Специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева, премиерот во заминување, видно возбуден, меѓу другото, ќе рече дека нема да дозволи „нарушување на дигнитетот на институциите на системот, без разлика дали некој поединец го нарушил угледот на одредена институција и од тука да се извлекуваат еднакви заклучоци за целта, капацитетите и сите обвинители“. И, што е уште пострашно, дека „исплаќање од 1.000 евра, од 1.500 евра не смее да биде некоја, не знам каква драма“! Зашто, премиерот земал 84.000 денари плата,  а пратениците по 100.000 денари заедно со трошоците и кога се ќе се пресмета, тоа се 18.000 евра годишно или за четири годни 75.000 евра.

Што да каже човек кога премиер на една држава, па било тој да е во заминување и таа да е Република Македонија, не прави разлика меѓу законско добивање плата и незаконско доделување надоместоци, што не следуваат ниту според основот по кој се делени од ракав, ниту според нивната висина! Кога 1.000 или 1.500 евра сака да ги сведе на обичен политички „минималец“ за кој обични граѓани треба да работат половина, година или дури и повеќе! Кога сака привидно работата да ја сведе на индивидуална одговорност, иако надоместок земале сите поранешни специјални обинители! Кога е во расчекор со државниот јавен обвинител за кого е апсурдно секретар на тоа обвинителство да зима поголема плата од претседател на државата! Или, пак, сака да и замачка очи на јавноста за да ги релативизира работите до ниво надвор од здравиот разум? За што и да станува збор, ништо од ова не доликува ниту за прв човек на Владата, ниту за правна држава. Зашто, главната порака што ја испраќа е баталете почитување на закон и „дрпајте„ од народните пари, кој како ќе стигне.

Слична, ако не и иста порака испрати и од Охрид, при свеченото пуштање во употреба на новата џамија дивоградба, што се наоѓа во централното градско подрачје. Според премиерот во заминување, „точно е дека постои конзерваторско решение за конзервација и реставрација, како што е точно дека нема одобрение за градба. Одлучивме, сензитивен период е, доаѓаат избори, Охрид е пример за и меѓурелигијско разбирање. Одлучивме после 5 мај да седнеме и да изнајдеме решение. Законите треба да се почитуваат“.

Е, да, законите навистина треба да се почитуваат, ама работата е во тоа што тие не се почитуваат. Почесно е да се слушне дека џамијата е инвестиција на турските пријатели, отколку да се манипулира во стилот „невестата е малку трудничка“, ама прво да ќариме гласови, па после ќе видиме што ќе правиме со неа. Ја ќе абортира, ја ќе се породи. Само што во меѓувреме ќе поминат гестациските недели, абортирање ќе биде ризично, па ќе се добие (не)посакувана рожба. Така и со почитувањето на законот и функционирањето на правната држава. Тие и до сега не се применувале, а не па по изборите.

Зоки, Зоки, ај „не прави глупоти“ за 500 денари!?