Во понеделник на 30 септември се навршува една година од неуспешниот референдум преку кој се бараше од граѓаните да се изјаснат дали се за членство во ЕУ и НАТО, а преку поддршка на штетниот Преспански договор. Со така поставеното референдумско прашање акцентот беше дека со прифаќањето на Преспанскиот договор придобивката е членство во ЕУ и НАТО, но никаде не беше спомената промената на државното име. Државната изборна комисија за одлуката од референдумот посочи дека не беше усвоена, бидејќи не гласале повеќе од половината од вкупниот број граѓани запишани во избирачкиот список. Но и покрај пропаднатиот референдум, власта си тераше кон целта за спроведување на договореното во Преспа и промена на името на државата.

И што имаме после една година од референдумот? Имаме ребрендирано државно име, разрушен правосуден систем удавен во корупција и уште победна економија. Власта што живот и правда за сите ветуваше, видовме дека криминал и рекет спроведуваше. За време на предреферендумската кампања имаше билборди и слогани за бесплатно здравство, но реално гледаме дека има пропаднато здравство. Наместо реформи за подобро образование, гледаме дека има корупција и кратење на буџетски средства на штета на образованието. И во целата таа каша од скандали и корупција, власта во еуфорија го чека фамозниот датум од ЕУ, притоа обложувајќи се на двата договори со соседите на штета на националните интереси.

Опозицијата гледаме дека навива и тренира за предвремени избори. Нормално е дека со ваква неспособна и криминална власт мотивацијата за предвремени избори е голема. Исто така отстранета е една голема политичка главоболка – прашањето со името е решено. Но дали граѓаните се подготвени за предвремени избори? Една година после референдумот граѓаните се во апатија и уморни од секојдневното бистрење политики, а таа апатичност се покажа за претседателските избори. Така што опозицијата, освен што набива рејтинг во своја корист заради лошото владеење на позицијата, сепак ќе треба уште многу поактивно и понапорно да работи на политичка мобилизација на граѓаните.

Во наредниот период не очекуваат приемот во НАТО, долгоочекуваниот попис на населението и парламентарни избори. Во меѓувреме ќе продолжи конфронтацијата меѓу власта и опозицијата, а голема е можноста да се стигне и до политичка криза, па во тој случај ќе интервенираат западните политичари. Се отвораат и дебати за промена на изборниот модел, сечи – мери кој и како да ќари најмногу, но повторно големите политички партии ќе бидат крупните играчи што ќе одлучуваат за промена на постоечкиот изборен модел, а кој не е многу поволен за малите политички партии. Факт е дека во македонскиот политички блок тешко ќе може да се постигне договор, а додека во албанскиот политички блок, колку и да е голема расцепканоста и конкуренцијата меѓу албанските политичките партии, тие секогаш ќе постигнат компромис околу нивниот национален или етнички интерес.

И што со датумот за преговори со ЕУ? Ах, тој датум! Дали конечно ќе се отворат портите кон ЕУ рајот? Ние само си мислиме дека големите сакаат да ни помогнат. Не. Се самозалажуваме. Тие единствено сакаат да си помогнат сами на себе. Се стигна до НАТО, бидејќи тоа беше и е геостратешки интерес за Западот. Интеграцијата во ЕУ е пред се политички, а најмногу економски интерес на ЕУ членките за отворање на нови пазари на Балканот. Да, видовме дека Германија навива за нас, но не од љубов кон нас, а пред се заради недостаток на гастарбајтери, а главен извозник за тоа е Балканот на таа ефтина ‘рбајтен сила. Но, вистината е дека дел од членките на ЕУ сакаат земјите од Западен Балкан политички да се стабилизираат и економски да се доразвијат пред да се интегрираат во ЕУ. Така што идејата за некаков мал Балкански сојуз им е подопадлива, отколку избрзано членство во ЕУ. А според власта, најверојатно и во иднина ќе добиваме уште неколку пати еуфорични датуми за преговори од ЕУ.