Заобиколувањето на Македонија од специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан беше втората порака што македонските власти и политичари се обидоа да ја премолчат во соработка со сервилните медиумски мегафони. Првата беше за аферата „Рекет“, во интервјуто за српската редакција на „Гласот на Америка“ (VOA) од 2 август, за ден подоцна, откако официјално Скопје проба да ја премолчи, пак да ја пренесе – светскиот сервис на VOA. Тогаш беше укажано дека расчистувањето на „Рекет“ е предмет на особено внимание на САД, но и неформален бенчмарк за датумот за ЕУ-преговори. Пораки од тој тип на државен празник се испраќаат исклучително ретко, што укажа на нивната итност. Но алармантноста на укажувањата се потврди по содржината, а особено со тоа колку тешко тие се пробија како вест во нашиот затворен, владино-партиски контролиран медиумски простор. Кој денес тешко ќе се бори со лажните вести кога очигледно ги создава – премолчувајќи ги вистинитите.

Се гледа обидот „Рекет“ да се сведе на „обична“ афера и за него да одговараат само извршителите, а не и инспираторите. И денес за сите имиња од СДСМ означени како учесници во аферата нема ни политичка, а не пак кривична одговорност. Затоа, во очекување на посетата на американскиот државен секретар Помпео на Скопје следниот месец (како што најавија црногорските, а пренесоа македонските медиуми), ќе биде интересно да се види дека американската поддршката за македонското евро-атланско интегрирање останува безусловна, исто како што Вашингтон и натаму ќе очекува и оваа и секоја следна македонска Влада да обезбедува владеење на правото и борба со корупцијата. Или најпрецизно, дека

Не минува политиката „Сменивме име, оставете не да правиме што сакаме по дома“

Влечкањето со „Рекет“ и сагата за СЈО само го засилува впечатокот за активната блокада на системот. „Помал“ проблем во неа е што партиите (о)станаа поголеми од институциите, па повторно ги доведоа до блокада. Трансформацијата на изборниот модел пред десетина години ќе беше доволна да ги врати во оптимална димензија, но сега применета како „лек за се“ – би била само гребење по површината.

Проблемот е подлабок и лежи во безбедњачко-медиа-нво-финансиската „елита“ официјализирана на почетокот на деведесеттите која смени дрес и остана поголема од политичкиот процес. Нејзината цел и не е да биде дел од политичкиот процес, туку да го контролира системот поставен по нејзини координати, преку партиите какви што ги познававме – нејзини производи. Бидејќи само во таков систем за неа се достапни буџетските ресурси на кои го темели својот профит и одржување. Денес ерозијата на (довербата кон) партиите и институциите е последица на презирот кон таа „елита“.

Иако личи неповрзано, она што денес во „Рекет“ го привлекува вниманието е моноетничкиот состав обвинетите во спрегата што ја сочинува аферата. Саркастично гледано, тоа значи дека поделбата во земјата стигнала до таму што дури и криминалот веќе не оди надвор од сопствениот етнички кампус. Но реално, штом до таму е дојдено, таа елита преку партиите на власт овие три децении успе(в)а во целта на фактичко одделување на Македонците од Албанците. Заев тоа не го започна, но секако се вклопи во него: Едно општество за сите, ама привилегии само за одредени.

Најпрецизно е ваквиот тренд да се лоцира од самото осамостојување, со приватизацијата која општествениот и државниот капитал, вклучително финансискиот по „Марковиќев“ модел го пренесе во рацете на сопственици – исклучиво неалбанци.

Иако интересно е што и деградирањето на домашната економија и финансии низ приватизацијата и деградирањето на правосудството низ СЈО – се двотретински, плурално партиски и мултиетнички легитимирани, со закони донесени во Собранието. Како и сите одлуки во кои „лидерски договори“ воведуваа системски решенија спротивни на правната, економската и политичката логика и општествената динамика.

Всушност, како да не сакаме да видиме дека истата македонска (пост-) ју елита од осамостојувањето до денес ни исцртува контури на една неформална „Република Македонска“ како примарен, па и единствен предмет на интерес во државата Македонија, во која системот мора да биде киднапиран за буџетот да биде инструментализиран, а влијанието клановски и процентуално поделено. Чудно, како да не разбира дека нема да има каде да биде „елита“, бидејќи

Со проектот „Република Македонска“ – државата Македонија оди во неповрат

Деновиве македонската политичка јавност и медиуми повторно со премолчување преминаа преку „пробните балони“ пуштени во странски медиуми во кои решението на српско-косовскиот спор, покрај концептот на размена на територии, за прв пат по подолго време ја вклучува и Република Српска од БиХ, со која Србија би требало да има „фиктивна граница“, како и Македонија со Косово. „Пробните балони“ не значи дека соопштуваат вистински намери, но самото нивно лансирање потврдува дека постои активен процес, во кој интерес ни е Македонија да не биде колатерала.

Имајќи предвид дека „Рекет“ пукна паралелно со операцијата на домашната бизнис-политичка елита да не го испушти контролниот пакет врз банкарскиот систем и со тоа врз домашната економија (одржувајќи ги некомпатибилни со западната ориентација на земјата), оваа „коинциденција“ потврдува дека постојат кругови што Македонија, преку ваква „Република Македонска“, сакаат да ја видат во сферата на влијание во која припаѓаше до 1991.

Вака гледано, „пробните балони“ личат и на предупредување каде може Македонија може да заврши со ваквото однесување на нејзината политичка и економска елита. Затоа веќе не треба да ја премолчуваме можноста пара-системот на државни функционери разоткриен со аферата „Рекет“ да имал за цел во Скопје да го прекине западното сетирање од Јадранското до Црното Море. И на Македонија во таа линија.

Ако не сме мудри и внимателни, ќе се сеќаваме дека протекторати се бореле и станале држави, но не ќе можеме да ја разбереме леснотијата со која македонските граѓани си ја претвориле државата во протекторат, а Македонците својата државна сувереност ја вратиле чекор назад – во територијалност.