Веќе нема дилеми. Ако не е тука бугарскиот премиер Бојко Борисов, тогаш Стево Пендаровски со она познатото „љубави„ сигурно му се обраќа на лидерот на владејачкиот СДСМ, Зоран Заев. Толку се љубат, што човек дури не може да се направи разлика дали кога зборува Стево длабоко од внатре во него зборува Зоки.

Стево Пендаровски денеска пропушти колосална шанса да биде првиот шеф на државата, за кого ќе може да се каже дека е претседател на сите граѓани на Република Македонија. Но, пред се, дека води грижа за нивното здравје.

Наместо тоа, тој одбра да биде обична марионета во рацете на Зоран Заев. И тоа го стори толку невешто, што и на врапчињата на гранка им стана јасно дека само ја враќа услугата за изборот на функцијата и петгодишниот престој во вилата на Водно.

Кога еден претпоставен татко на нацијата во ек на светска пандемија отворено ќе признае дека не му е грижа за здравјето на неговите граѓани, тогаш што останува за сите други. Од членовите на Комисијата за заразни болести, преку министерот, пардон, портпаролот Венко Филипче, па до екс-премиерот Зоран Заев. Еден за сите, сите за никаде. Можат слободно да не праќаат не на кланица, туку директно во пеколот, во деветиот круг на Данте.

За нив не сме ни обични смртници. Не. Бевме стока, бевме народ за е*ење. Сега сме еволуирале. Во обични бројки. Бројки што секојдневно означуваат смрт. Но, и бројки што треба да бидат искористени за пуста, гола власт. Без разлика колку од тие бројки ќе решат да излезат на парламентарните избори. Не е важно ни здравјето, ни легитимитетот, ни легалитетот. Важна е власта. И, се разбира, комодитетот на Стево на Водно.

Пендаровски, иако има уставно право, одлучи да не ја продолжи вонредната состојба. Според него, тоа немало врска со секојдневните црни рекорди од новозаболени од Ковид-19. А, што има врска со тоа? Смртта!

Тоа е чудо колку слобода си зема Пендаровски за да си поигрува со интелигенцијата на обичните бројки. Колку и да игра на картата на слабо паметење, не може туку така да се избрише тоа што го рекол во два наврати до сега, при прогласувањето вонредна состојба. Или за него може?! И нема да му биде прв пат. Менува ставови, почесто од чорапи и живее во илузии дека покрај неговата елоквентност и чувство на блискост или вродена харизма за настап пред новинарите тоа ќе остане незабележано. Но, се лаже. Самиот себе, а не јавноста. Исто како што се лаже дека веќе познатата изјава за Гоце Делчев може да ја компензира со „цврстиот став“ за откажувањето од ЕУ ако не биде признаен македонскиот јазик.

Многу брзо Пендаровски го прокоцка капиталот, што беше првиот неоспоруван од никого претседател на Република Македонија. Тој избра да биде претседател на копче. И доволно е само Заев да го притисне. Пендаровски веднаш ќе почне да зборува место него. Се друго е фолклор. Од улога на врховен командант до медијатор, кој наредбодавно ќе ги повикува партиските лидери уште денес да се видат на лидерска средба.