Секоја година Организацијата на Обединетите нации го прославува и промовира 15 Септември како Меѓународен ден на демократијата во светот. Оваа година темата и пораката за овој ден беше дека демократијата е заснована врз вклученост, учество и претставува основа за мир, одржлив развој и човекови права. И во време кога ООН повикува на поголема вклученост и учество на граѓаните во политичкиот живот, минатата година познатата Freedom House во својот 23-годишен проект за оценка на развојот на демократијата во државите низ светот го забележа најголемиот пад на оценките во историјата на својот проект.

Агендата за одржлив развој на Обединетите нации претставува новата глобална рамка со 17 зацртани цели за одржлив развој што треба да се постигнат до 2030 година за подобар економски и општествен развој и заштита на животната средина. Во контекст на развојот да демократијата во светот, токму една од целите на Агендата 2030 на ООН цели кон и ја препознава неделивата врска помеѓу мирни општества и градењето на ефективни, одговорни и инклузивни институции.

Така си го поставувам прашањето што ќе биде со нас до 2030 година? Дали ќе успееме да опстоиме и да се одржиме? Што треба да направиме сите ние што живееме тука во оваа мала и млада држава на Балканот за да опстоиме и ја направиме оваа држава поубаво место за живеење за сите нас. Се обидувам да ги согледам сите позитивни работи кои ги имаме како држава, а пред се работи што ги веќе ги имаме како стратешка местоположба, поволна клима, природни реткости. И тоа се работи што ги имаме, а некои држави го немаат и се борат да го освојат. Исто така имаме и богато природно и културно наследство, традиици и историја. Тоа се работи што многу држави во светот добро го рекламираат и го нудат како туристичка понуда. Прославивме 28 години од независноста и после толку долго време не успеавме да ја направиме држава подобра.

И додека ние скоро три децении глумиме демократија и се обидуваме да се преброиме колку останавме во државичкава, секоја година остануваме се помалку и помалку. Секој септември има се помалку млади во образовниот процес, а се повеќе млади ја напуштаат државата. Станавме главен извозник на работна сила за Германија и другите развиени земји во ЕУ. А политичките елити само преговараат и се договараат, додека граѓаните се повеќе не веруваат во нив и во државните институции.

ООН повикува на учество и вклученост на сите нас и кон постигнување на одржлив развој. Но ние како да го очекуваме спасот од сета наша сеопшта општествена и економска беда во интегрирањето во НАТО и ЕУ. Дали ќе продолжиме да си гледаме скандали на власта, па така разочарани ќе одиме да го бараме спасот во Германија, а додека овде ќе си продолжи по старо. И штом дојде лето, со ефтините чартер летови ќе дојдеме на кратко на едно кафе и потоа пак во туѓина. Без наше активно учество и 2030 да дојде исто ќе си биде. Не знам? Што мислите? Или нашата 2030 година се чини некако многу далечна, па имаме време да одмориме до тогаш?