Дојде и тој ден – по многу внатрешни натегања, Брисел ги објави извештаите за напредокот на земјите-кандидатки од Западен Балкан, за кој постои еден посебен фолдер во ЕУ за европската црна дупка во која се – Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија, Косово, Турција, Србија, па, ете, за прв пат и за Северна Македонија.

Сега еден ден откако поминаа таа помпа, кога Прогрес репортот беше примен во Вилата на Водно на црвен тепих, треба да се симнеме (власта пред се) на земја за да видиме какви сме.

Извештајот за напредокот ви е како анализа на крвта и урината, вие си ги знаете резултатите, а матичниот лекар ви вика – а, сте постигнале напредок, малку ќе ве подготвува за да не доживеете шок од крајот кој вика – морате да смените некои работи во животот, инаку…

Значи, почетокот на Извештајот е фино мачкање со политичка четка (политички критериуми), во што Брисел е врвен уметник, знае да ги избере боите, тоновите, па, и зборовите. Брисел ќе каже Браво! За Преспанскиот договор, Браво! За Договорот за пријателство со Бугарија…Но, кога ќе се прочитаат сите 99 страници од извештајот ќе видиме дека болидот на Заев и неговиот кабинет со кој се тркаше во Формула 1 со тактика 3-6-9 е некаде заглавен во некој пит стоп.

А, ние кои овде дишеме скопски, тетовски или битолски воздух, знаеме каква е состојбата. Оти, да бидеме отворени – ние што плаќаме даноци и што врвиме месе за месец со сите проблемчиња и проблемишта од дневен карактер не сме ама ич загрижени за некои политички флоскули, зашто нам ни треба надеж за реалниот живот. Дали оваа Влада ни го подобрила животот, стандардот, ни ги решава проблемите подобро од претходната? И тоа е суштината на политиката.

Дека во Извештајот има  мачкање очи и добра наклонетост кон оваа владејачка политичка опција (фризирани извештаи се правеле и претходно) , за што треба да имаме разбирање заради жртвите кои ги даде, но не сопствени туку национални, ќе наведам еден пример.

Консултативен референдум беше спроведен на 30 септември 2018. Од 36,9 проценти од тие што гласаа, 91,5 проценти дадоа поддршка за членството во ЕУ и во НАТО, прифаќајќи го Преспанскиот договор“, па се додава дека дури и ОБСЕ/ОДИХР оцениле дека референдумот бил спроведен добро без поголеми проблеми.

Но, во Извештајот се заборава да се каже дека на референдумот не беше постигнат потребниот цензус од 50 проценти плус еден, нешто што ОБСЕ го нотираше. Тимот на еврокомесарот Хан, заедно со нашите кои помагале во подготовката на обемниот извештај, решил за тоа прашање да стави розови очила.

После се, да се прашаме – дали сме подготвени за во ЕУ по десеттата препорака да почнеме преговори, а никако да ги почнеме? Преговорите се почнуваат со Поглавејто 23 за да се види дали земјата има добро судство и ги почитува фундаменталните права. Краткиот одговор е – „земјата има извсен степен на подготовка/умерено е подготвена да ги спроведе стандардите на европското законодавство“. Нашиот коњ за трката наречен СЈО е забележан, се наведува дека со опозицјата му се бара место во државното Обвинителство, но…

Како и да е корупција има во многу области и тоа претставува сериозна загриженост“.

Што се однесува до прашањето дали сме подготвенида ги исполниме обврските со членството, Брисел смета дека земјата е средно подготвена во повеќе области, но „натамошни напори се потребни во движењето на работната сила, финансиските и биџетски пресметки…а поголем фокус е потребен врз административниот капацитет“, спроведување на регулативата. Од друга страна, пак, македонскиот пазар е умерено подготвен да се справи за конкуренијата на пазарот и пазарните сили во ЕУ, а како посебен проблем е посочен „неквалификуваната работна сила, проблем кој лежи во образовниот процес. И ова не може да се реши со магично стапче, а ќе треба време!

Па, одиме понатаму – борба со корупцијата? – земјата е подготвена до извесен степен, иста оценка и за борба со организираниот криминал, а апсолутно иста оценка имаме и за слобода на говор. Но, тука не се зборува за економската беда во која се наоѓа новинарскиот еснаф, а кога тоа би се зело предвид оценката би била – има знаци на живот дека македонското слободно новинарство е живо, ама не се знае дали ќе преживее.

И како читаме понатаму, така Извештајот станува се поцрн – Јавното здравство е соочено со проблем на недостиг од лекари. Има недостиг од финансиски ресурси, а една третина од услугите се финансираат од сопствен џеб на граѓаните, со што се прваат големи сопцијални разлики. Кога ова ќе го прочита, нема човек што би се смеел на „добриот Извештај“.

А, на Владата на Заев му оди и овој грев – назадува во контролата на тутунот (дозволија да се пуши секаде и го сменија законот на полошо).

Финансирањето на скринингот за рак е недоволно. Нема напредок во правата на пациентите на прекугранична здравствена услуга и во националното законодавство не е вклопено европското. Законодавството на ЕУ за климатските промени е се уште во рана фаза“… читам, читам и како да читам за некоја африканска земја која поминала климатска катастрофа или локална војна.

И на крај како цреша на Бриселската торта е оценката за нашето ни образование (оф леле!):„Квалитетот на образованието загрижува на сите нивоа, а образовниот систем е подложен на политички влијанија“.

И кога вака длабински ќе го прочитаме извештајот, се наметнува прашањето кој да се фати за метлата и кој да биде изметен од Владата со вакви навистина многу лоши оценки во суштински области, како што се здравство, образование, пазарна економија, екологија…каде сме многу, многу назад во однос и на просекот во ЕУ.