Сигурно повеќе пати сме се соочиле со следнава ситуација. Секој од нас има по некоја омилена веб страна или портал на интернет што често го посетуваме и од каде што се информираме, и секако очекуваме од тој портал редовно да се обновува, да биде up-to-date, да има привлечен дизајн и да биде допадлив за нашето око, редовно да се ажурира со најнови информации, тие да бидат лесно достапни, итн. Но како што минува времето, гледате дека тимот на вашиот омилен портал не го ажурира порталот, не се труди, онака заседнати во својата комфортна зона, не се трудат повеќе, па вие пишувате до нив, ги изнесувате своите забелешки, сугестии. И штом тимот забележал дека бројот на посети на нивниот веб портал опаднал, при следната посета на вашиот омилен интернет портал гледате пишува “the website is under construction … coming soon”.

Е па така мили мои, сега нашата влада се наоѓа во слична ситуација како таа со обновувањето на омилената веб страна. После сите забелешки, сугестии, и после резултатите од претседателските избори ете заигра популарната метла, конечно Премиерот се фати за работа, и што направи, почна да ги мете оние што најмалку заслужуваат, место промени во својот владин кабинет и промена на министрите, тој удри по претседателите на општинските организации од својата матична партија. Алооо, треба реконструкција на владиниот кабинет. Но, тоа е, како што ќе каже шефот, така ќе биде.

А пак коалиционите другарчиња во власта – интегративците некако немаат навика да се зачистат, тие не користат метла, за нив мислам дека треба правосмукалка и скроз на скроз да бидат тргнати од домашната политичка сцена. Веќе предолго се тука. Време е таа инсталација на странските разузнавачки служби од минатото политички да се пензионира. Интегративците ја завршија својата мисија во политиката, ги обезбедија сите политички права за својот електорат, а во овие петнаесетина години во власта доволно се изгнасија и криминализираа што веќе ни хемиско чистење не ги мие. Па ете сега излегуваат со некакви си предлози за ветинг, и уште какви ли не глупости може да се очекува од нив. Врхушката на интегративците е доволно политички амортизирана, и веќе е време да се даде простор на млади способни кадри во албанскиот политички блок. Пред се, треба кадрови луѓе што ќе понудат креативни идеи и визија за економски просперитет за младите во оваа држава, бидејќи младите генерации веќе не може да се убедуваат со застарени идеи. Сега е време на т. нар. генерација на digital natives (во превод: дигитални домородци) што значи дека сега младите растат со новите технологии и многу лесно комуницираат со светот, гледаат, слушаат, учат, мобилни се, и не верувам дека може така лесно да се купат нивните гласови на политичкиот пазар во иднина.

И конечно ќе има ли некаква реконструкција, или т. нар. „метла“ во владиниот кабинет останува да видиме со што ли ќе не изненадат од владината кујна? Пред нас е продолжен викенд, а од владата треба да одморат и да размислат за следните чекори. А за промените во владиниот кабинет како на омилената веб страна, сега за сега ќе стои “The government is under re-construction. Coming soon”. Ај да видиме!