Поскапува водата за жителите на Прилеп. Од следниот месец за метар кубен ќе плаќаат 17,35 денари повеќе од актуелната цена или за 60% повисоки сметки за вода. Причината за поскапувањето е работата на пречистителната станица со која од вчера стопанисува ЈКП „Водовод и канализација“.
Одлуката за финансирање на пречистителната станица во Прилеп беше донесена на продолжението од 20-тата седница на Советот на Општината, што се одржа на 13.11.2018 година.
Дополнително за да им се олесни социјалниот статус на над 500 домаќинства корисници на постојана парична помош, Советот на општина Прилеп, на предлог на градоначалникот Илија Јованоски вчера одлучи 1,5 милион денари (24.400 евра) од буџетот за 2019 година, да бидат наменети за субвенционирање на нивните сметки за вода.
Вчерашните одлуки на општинскиот Совет за субвенцинирање на месечните трошоци за вода на социјално ранливи категории на граѓани беа поздравени од СДСМ – Прилеп, чии член на советот Елена Ташкоска изјави дека со дела се покажува дека грижата за граѓаните е секогаш во фокусот на вниманието, посебно кај ранливите групи.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат целосно ослободување од сметката за вода на овие граѓани. Овој чекор го сметаат за само уште една популистичка мерка на СДСМ пред изборите.
„Оваа предложена мерка ние ја поддржуваме, но сметаме дека истата се носи со јасна намера, ден пред распишување на претседателските избори и со добра калкулирана позадина“, истакна Ирена Стерјоска, советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
Инаку како предизборно ветување на сегашниот градоначалник од редовите на СДСМ во Прилеп беше дека прилепчани ќе пијат 20% поевтина вода за пиење.
Цената на водата за разлика од минатото сега ја утврдува Регулаторната комисија.
Comments are closed for this post.