Втора шанса на Уставниот суд да ја исправи неправдата врз штедачите – вака од Иницијативниот одбор на Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка „Правда за штедачи“ најавуваат дека в четврток судот повторно ќе се произнесе за уставноста на членот 163 од Законот за банки.

Една единствена институција во државата, а тоа е Уставниот Суд, сепак дава надеж дека некој мисли на овој криминал и неправдата нанесена врз депонентите, граѓани и фирми, преку повторното закажано заседавање по претходно поднесена иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на член 163 став 3 од Законот за банки. Истата расправа е од отворен карактер и е закажана за овој четврток, 25 март 2021 година, со почеток во 09.30 часот – се вели во соопштението на Здружението.

Тие велат дека Здружението „Правда за штедачи“ го поздравува овој потег на Уставниот Суд да повторно ги разгледа уставноста и законитоста на членот 163 став 3 од овој закон, со кој, како што се наведува „му се дава монопол на Фондот за осигурување на депозити да целосно наплати од стечајната маса пред сите други доверители“.

На тој начин се врши дискриминација, нееднаквост и директно оштетување на сите доверители и особено на правните лица коишто не се воопшто обештетуваат од Фондот. Ова е единствен, уникатен пример за неправда и неуставност во цела Европа и пошироко – велат од Здружението.

На претходното заседавање на Уставниот суд, од вкупно девет уставни судии, четири гласа од судиите беа за укинување на спорната одредба од Законот за банки, оставајќи ги останатите пет судии да ја запечатат судбината на над 3.000 семејства погодени од овој криминал и мега скандал, се вели во дописот, но како што порачуваат од Здружението на штедачи на Еуростандард банка, „шансата е повторно тука, втора шанса заслужува секој што згрешил, сега е моментот за носење на историска одлука“.

Тие додаваат дека во изминатите денови, а и во деновите што следат, Здружението „Правда за штедачи“ го објавува и ќе го објаснува најтранспарентно во детали криминалот којшто со години се случувал во Еуростандард банка.

Јавноста и сите учесници во банкарскиот систем заслужуваат да го дознаат тоа. Начините на коишто се давале неповратните кредити и немото следење на истото од страна на Народната банка и гувернерката Анита Ангеловска Бежоска, за жал соодветствуваат со сегашното молчење на надлежните институции и високите владини претставници кои на тој начин го легитимираат и продолжуваат криминалот – стои во дописот до медиумите.