Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) бара да продолжи финансиската поддршка за исплата на плати. Смета дека петтиот пакет мерки треба да биде насочен кон зачувување на работните места и заздравување на економијата со цел полесно надминување на кризата.

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски на денешната седница на Економско-социјалниот совет ги изнесе предлозите на Сојузот пред останатите социјални партнери и уште еднаш истакна дека со петтиот пакет мерки задолжително мора да продолжи финансиската поддршка за исплата на плати за да не бидат доведени во прашање работните места на работниците во погодените сектори.

-Владата да обезбеди финансиска помош и поддршка за компаниите кои нема да можат да ги извршуваат деловните потфати поради вирусот или ќе ги извршуваат со значително намален обем, првенствено и исклучиво за обезбедување средства за плата на работниците, субвенционирањето на платата да продолжи онаму каде што производството е намалено како што е утврдено и со четвртиот пакет мерки, но да се исплаќа директно на сметките на работниците, работниците кои користеа мерки како хронично болните, бремени жени, чување на дете до 10 години, треба да бидат исплатени во висина на нивната плата, без нејзино намалување и истовремено да се води грижа и за мајките кои користеле породилно отсуство, а им престанал договорот за вработување по кој било основ, како и да имаат право на платено на породилно отсуство, се дел од предлозите на ССМ доставени до Владата.

ССМ повторно предлага и надоместокот на плата за отсуството од работа поради зараза од КОВИД, изолација и самоизолација да изнесува 100 проценти од основицата утврдена со закон, како и насочување кон спроведување јавни набавки од страна на државните органи, исклучиво од домашните компании кои не отпуштиле неосновано работници и не злоупотребиле од финансиската поддршка за исплата на платите.