За да ги оправда своите гревови, гувернерката Анита Ангеловска Бежоска се повикува и на „домашните експерти“ кои посочиле дека за затворањето на Еуростандард банка таа постапила соодветно и навремено и дека го направила својот максимум. Како тие домашни експерти тврдат дека гувернерката Бежоска постапила соодветно и навремено кога ние сме целосно покрадени? Дали овие таканаречени домашни експерти знаат што значи 60 милиони евра да се крадат од банка со години, а да гувернерката Бежоска не знаела или не го видела тоа!? Што имаат тие да им кажат на околу 2.000 фирми депоненти во Еуростандард банка кои се законски обврзани да работат само преку банка? Нивните тековни средства на сметки во банката им се одземени во целост и веќе отидоа во амбис. Како се заштитени фирмите од пропаст на банка кога немаат никаква гаранција од државата!? Дали фирмите се депоненти и учесници во платниот промет? Државата им налага да работат единствено и само преку банка, а потоа им ги одзема сите средства бидејќи гувернерката Бежоска дозволила да банката биде покрадена, велат од здружението на оштетени штедачи на ЕСБ Банка.

Каков бил кредитниот ризик на оние избрани фирми кои од банката добиле неповратни кредити без покритија, а гувернерката Бежоска наводно не го видела тоа? Или ако го видела ќе им ги одземела лиценците за работа на оние што делеле неповратни кредити и нема јавно да не лажеше дека депозитите ни се безбедни и сигурни. Овие фирми депоненти кои ги изгубија сите свои пари, а и сите граѓани во земјава, скапо ги плаќаат ваквите „домашни експерти“, некои од нив вдомени во државни институции и совети на банки. Има и таков гласноговорник кој бранејќи ја гувернерката го заштитува криминалот во Еуростандард банка во којшто можеби и тој соучествувал претходно. Дали на овие експерти им е наложено да по секоја цена ги бранат гревовите на гувернерката Бежоска со небулози, филозофии и замајувања на јавноста? Сепак, во едно може да се согласиме со нив. Гувернерката Бежоска го направила својот максимум, но не за ги заштити нашите депозити туку за да целосно не покрадат, излажат и измамат, додаваат од здружението.

Може гувернерката Бежоска да наложи на било кого да ја брани, но од вистината и фактите нема бегање. Разбираме што гувернерката Бежоска не сака да одговори на наши конкретни прашања и бега од соочување со нас бидејќи дозволила да не покрадат во целост. Наместо неа, таа постојано праќа емисари во име на „домашни експерти“ за да ги бранат нејзините нечесни постапки врз основа на кои околу 3.000 семејства се покрадени и им е уништена сегашноста и иднината. За тоа што е сторено мора да има одговорност на гувернерката Бежоска без разлика кој уште ќе продефилира во јавноста да ги брани „угледот“ и „честа“ на гувернерката како соучесник во организираниот криминал, реагираат од здружението.