Србија побарала од Македонија да ги покрива загубите од линијата Белград – Скопје – Солун, како услов истата да не се укинува. Но, на оваа идеја не се согласиле надлежните институции во земјава, неофицијално дознава Пресинг.
Токму поради економска неисплатливост за нејзино одржување, српската железница ја укина линијата Белград – Скопје – Солун, а Македонија од први октомври остана без меѓународен железнички транспорт.
Неизвесно останува и дали линијата повторно ќе се воспостави, иако првичните информации беа дека ќе сообраќа од 15 јуни наредната година, и тоа само за време на летниот период.
За тоа, дека државата станува слепо црево, ресорните институции се правдаат дека правеле напори, но не зависело од државата. Министерот Сугаревски вчера изјави дека за укинувањето на линијата одлучиле Србија и Грција.
Во изминатите неколку месеци имавме средби со претставници на српската Влада и уште во април ни беше посочено дека најверојатно линијата ќе биде прекината од 1 октомври, бидејќи станува збор за економска неисплатливост на Србија. Македонија е транзитна држава и станува збор за исклучиво деловна политика на српските и грчките железнички власти. Сепак, во наредниот период ќе направиме се што можеме да најдеме алтернативни начини како линијата да се продолжи, рече Сугарески.
Со ваквата одлука, Македонија во моментов останува единствена земја во Европа, заедно со Албанија, која нема меѓународен патнички сообраќај. И додека нашата земја која претендира да стане дел од европското семејство во моментот нема ниту еден меѓународен патнички воз, во европските земји железничкиот транспорт е еден од примарните.
Без разлика дали се патува национално или меѓународно, прв избор на патниците се токму возовите, затоа што се брзи и релативно евтини, а тоа го покажува и европската статистика.
Податоците на Еуростат покажуваат дека железничкиот транспорт последниве години бележи пораст. Од 2010 година па наваму е забележан постојан раст и тоа помеѓу 2011 и 2016 година. Националниот транспорт доминира во однос на меѓународниот, што претставува повеќе од 90% од вкупниот транспорт за сите земји во 2016 година, со исклучок на Луксембург. Истражувањата покажале дека во земјите од ЕУ намалување на транспортните перформански има во Хрватска и Бугарија.
Надвор од ЕУ, – Норвешка, Швајцарија и Црна Гора забележале раст во перформансите на железничкиот превоз во 2016 година. Најголем пораст забележала Црна Гора. Спротивно на тоа, во Поранешната Југословенска Република Македонија е забележан најголем пад, стои во Извештајот на Еуростат.
И додека возот на релација Белград – Скопје – Солун е укинат, Македонија и Србија ќе градат заеднички железнички премин. Со 4,5 милиони евра европски пари, во 2020 година двете земји ќе почнат да ги градат заедничкиот железнички премин на Табановце, што треба да го намали времето на патување со воз, односно транспортот на патници и стоки. Се уште не се знае дали до 2024 година кога ќе заврши проектот, линијата Белград – Солун се уште ќе биде неисплатлива за возот да сообраќа цела година.
Дека Западниот Балкан сериозно заостанува во развојот на железничката мрежа, покажа и една интересна студија на Петер Керпеџиев, кој моментално е соработник на Харвард. Во студијата со помош на мапи се дадени деталните информации за железничката мрежа во Европа, односно за колку време може да се стигне од еден до друг европски град. На пример, патувањето од Лондон до Париз трае помалку од 3 часа, а за помалку од 8 часа се стигнува од Париз до Берлин.
Во споредба со Западна Европа, источните делови на континентот заостануваат сериозно во развојот на железничката мрежа. “Потребно е малку повеќе од осум часа, за да се дојде од Париз до Берлин со воз, додека скоро истото растојание меѓу Софија и Сараево трае 46 часа”, вели авторот на студијата.
Нај брзите железнички мрежи се во западниот дел на континентот. Лондон, Париз и Брисел се меѓусебно поврзани со голема брзина. Париз не само што има лесен пристап до различни места во сопствената земја и до Лондон, туку и до Германија, вели анализата на Керпеџиев, кој ја направил како резултат на тоа што имал голем ентузијазам за патување со воз и едноставно сакал да патува со нив.
Comments are closed for this post.