Растот на економијата во голема мера ќе зависи од политичката стабилност. Ако политичката криза се продлабочи, реформите ќе изостанат. Ова е оценката на Светска банка во редовниот економски извештај за Западен Балкан, што денеска беше презентиран во Канцеларијата на оваа меѓународна финансиска институција во Скопје.

„Гледаме низ леќата на нивото на политичка нестабилност и несигурност која што може оваа ситуација да придонесе. Се надеваме дека ќе биде минимална и дека оптималното нарушување ќе биде придружено со активирање на реформскиот процес. Ако овие два услови се исполнат ќе ја видиме Македонија со позитивен раст. Ако некој од овие услови недостасува, поради продолжување на политичката нестабилност и високо ниво на несигурност, тогаш има ризици да не се исполнат позитивните проекции за раст“, вели Марко Мантованели, директор на Светска банка во Скопје.

И реализацијата на капитални инвестиции од 23% во првите 8 месеци е незадоволителна. Од Светска Банка велат дека пред да се гради било што, Владата треба да направи детална анализа за исплатливоста на проектите.

„Менаџментот на јавните инвестиции треба да се затегне. Владата треба да направи среднорочна стратегија за развој што ќе биде поврзана со стратешкиот развој на земјата и ќе се филтрираат различните предложени проектите според нивната подготвеност и стратешка важност и тогаш нема да има толку мала реализација на капитални инвестиции“, изјави Сања Маџаревиќ Шуистер, виш економист за Западен Балкан. 

Светска Банка алармира дека јавниот долг ќе се зголеми за 50% од БДП до крајот на годинава и дека земјава треба да се задолжува за продуктивни цели, а не да го зголемува јавниот долг   за тековни потреби.

Светска Банка реагира и на владиниот потег за раст на социјалната помош. Вели клучно во овој дел е луѓето што побрзо од корисници на помош да станат работници.

Проекциите на Светска Банка се дека Македонија ќе оствари економски раст од 2 и пол проценти годинава, 2.9 отсто наредната и 3.2% во 2020-та.