Облеката и непрехрамбените производи и понатму ќе се продаваат на тезгите на зелените пазари. Од Министерството за економија ја демантираат информацијата дека е предвидена казна од 2.000 евра за продажба на облека на тезгите во рамки на пазарите.

Во изјава за ПресингТВ, Сузана Прањиќ од Министерството за економија рече дека со Законот за пазари кој стапи на сила на 1 јануари, како сите останати и продавачите на текстил, обувки, козметика и накит, можат да добијат лиценци за продажба.

Согласно законот, лиценците ги дава Комората на трговци на Македонија. Потребно е време да се спроведе лиценцирањето, за тоа време пазарџиите ќе продаваат по старо, изјави Прањиќ за Пресинг ТВ.

Нема договорен рок за завршување на постапката. Цената за лиценца, пазарџиите ќе ги чини 60 евра годишно за една тезга и дополнителни 40 евра за секоја наредна тезга. Целта на законот е додаваат од министерството за економија да се регистрираат нерегистрираните трговци на зелените пазари.

Оние кои што сега продаваат на зелена пазари, но никогаш не се евидентирани како такви и се водат како невработени, со Законот ќе мора да се регистраат во Комората на трговци на Македонија, а со тоа ќе се врши легализација на нивната работа, додава Прањиќ.

Со новиот Закон за пазари на пензионерите нема да смеат да им се издаваат лиценци. Од министерството за економија ваквата ситуација ја аргументираат со Законот за работни односи кој не предвидува дополнителна работа за оваа група на луѓе.

Од Групацијата на пазари при Стопанската комора, кои бараат одложување на примената на законот, сметаат дека делот во кој се забранува на зелените пазари да продаваат пензионери и хонорарци ќе продонесе за намалување на бројот на пазарџии а со тоа и прометот. Нивна проценка е дека прометот ќе се намали за 30 отсто.

Министерот за економија најави дека ќе се разгледаат нивните барања, но примената на законот не се одлага.

Во земјава има околу 70 зелени пазари каде моментално работат од 20.000 до 25.000 пазарџии.