Во обидот за привлекување странски инвестиции борбата меѓу земјите од регионот како Србија, Бугарија, Романија е немилосрдна. Секоја држава нуди одредени бенефиции со цел да се најде на мапата на странски реномирани компании. Па така во изминатиот период сите земји без исклучок прават отстапки, односно нудат поголеми бенефиции за да бидат што повеќе конкурентни за компаниите кои решиле да го шират бизнисот.
Во изминатиот период во јавноста се појавија повеќе информции дека одредени познати странски компании, наместо во Македонија инвестирале во Србија.
На прашањето дали се точни ваквите информации , директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Александар Младеновски, признава дека имало случај со компанија која одлучила да инвестира во Србија, наместо во Македонија, но истовремено вели и дека имало и обратен случај кога наместо Србија компании инвестирале во Македонија.
Вели дека секоја фирма има повеќе параметри, а за конкретниот случај , одлуката била местоположбата , односно компанијата( која произведувала големи електро мотори) инвестирала во северниот дел на Србија затоа што била поблиску до Германија.
Сите земји даваат поддршка, нашата државна помош е во согласот со ЕУ, ние даваме 50 % во различни области. Така што, и нашата државна помош е усогласена , но треба регионот меѓу себе да се усогласи, затоа што Србија на пример, не декларира многу што дава. Србија преговара со инвеститорите во четири очи, тие му велат на инвеститорот – ќе ти изградат хала, ќе ти дадат земјиште, поддршка по вработен и сето тоа не го ставаат во тие 50% и ние стануваме неконкурентни, вели Младеновски
Сепак, директорот вели дека инвеститорите сега Македонија ја гледаат како стабилна земја и затоа во следниот период ќе има пораст на бројот на странски компании. За кратко време, вели дека 6 компании ќе потпишат договори за инвестиции, а 17 компании веќе се во различна фаза на реализација. Оваа година во компаниите кои работат во зоните, според податоците на Дирекцијата има 13 500 вработени, а во следните две до три години бројот на вработени ќе се зголеми за дополнителни 10 000.
Што се однесува до платата на вработените во компаниите кои работат внатре во зоните, бројките покажуваат дека просечната плата е далеку повисока од просечната плата надвор од зоните.
Ниедна компанија во зоните нема потпишано договор за државна помош без да даде 300 евра плата. Минималната плата на некој начин ја направивме во зоните да биде 300 евра, вели Младеновски.
Според податоците на Дирекцијата на технолошко индустриски развојни зони, извозот од зоните моментално изнесува 50 отсто од вкупниот извоз на Македонија, а годинава се очекува тој процент да биде поголем, најави директорот на ТИРЗ Александар Младеновски.
За да станеме многу повидливи на светско ниво во делот на слободните економски зони, Скопје ќе биде домаќин на самит на европските слободни економски зони, што ќе се одржи од 2 до 4 мај годинава. Се очекуваат над 350 претставници од цел свет, ќе бидат поканети вицепремиери и министри, а ќе присуствуваат и претставници од слободните економски зони. Самитот ќе се осврне на повеќе прашања што ги засегаа слободните економски зони, а меѓу другото ќе се разговара и за усогласување на регионот околу политиките во зоните и како да се изнајдат начини да се унифицираат ставовите за државната помош што им се дава на странските инвеститори.
Comments are closed for this post.