Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, денеска во Струмица,  заедно со директорите на сите надлежни институции од секторот за земјоделство и со градоначалникот на општина Струмица,  Коста Јаневски, одржаа работна средба со земјоделци од струмичкиот регион. На средбата се дискутираше за актуелната состојба во градинарството, при што земјоделците ги кажаа своите предлози за развој на оваа гранка, а од страна на министерот Николовски и тимот од МЗШВ беа презентирани мерките и новитети во Програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој за оваа 2019-та година.

„Во новата Програма за директни плаќања за градинарството го олеснуваме аплицирањето, односно воведуваме засадената површина што ја пријавуват градинарите да биде збирно за сите градинарски култури, а не како досега за секоја култура посебно. Ова значи дека земјоделците можат да аплицираат за субвенции со минимилна вкупна површина со 0.2 хектари, а не како досега за минимум 0.2 хектари по култура. На овој начин се очекува драстично намалување на земјоделците кои во претходните години се одбивани заради  административни процедури и можни технички грешки при аплицирањето, а истовремено ќе се зголеми бројот на апликации за градинарство. Ова беше една од забелешките што ја имаа земјоделците на претходните средби што ги имавме, и сега како ресорно министерство излегуваме во пресрет“, изјави Николовски.

При тоа министерот посочи дека во делот на субвенциите и оваа година за 20 отсто повисоки субвенции ќе добијат земјоделците со развоен потенцијал. Паралелно МЗШВ работи на создавање на  услови за развој на преработувачката индустрија како дел од синџирот за развој на градинарството и можност за обезбедување на сигурен пласман и решавање на вишоците на земјоделски градинарски производи. За таа цел во новата Програма за рурален развој за 10 пати е зголемена  сумата за мерката Инвестиции за маркетинг на земјоделски производи. Оваа мерка нуди пред финансирање на инвестициски проекти во висина од 100% од износот на предлог-проектите за инвестиции во преработувачки капацитети, ладилници и откупни центри за приоритетните земјоделски производи кои се соочуваат со проблеми во пласманот. Вкупната сума за оваа мерка изнесува 230 милиони денари.

Николовски потенцираше дека дополнително за развој на градинарството придонесуваат и мерките од ИПАРД 2 Програмата. Така, мерката „Инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства” нуди од 65 до 70 отсто кофинансирање за инвестиции во изградба или реконструкција во оранжерии и/или расадници, изградба или реконструкција на објекти за преработка и продажба на земјоделски производи, ладилници  капацитети за пакување. Заклучно со вчера за оваа мерка се поднесени рекордни 1.040 барања со вкупна побарана сума од 14 милиони евра. За мерката „Инвестиции во материјални средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи“, која нуди 50 отсто кофинансирање за инвестиции во преработувачки капацитети за зеленчук и во опрема, пристигнати се 65 барања со вкупно побарана сума од 15,9 милиони евра.

Инаку, податоците од Платежната агенција покажуваат пораст на исплатата на субвенции и пријавени површини за градинарството. За Програмата за 2016 се исплатени околу 440 милиони денари за вкупно пријавени 11.554 хектари за градинарски култури, а за мерките од Програмата 2017 -та се исплатени се исплатени  близу 480 милиони денари за вкупно пријавени 12.320 хектари за градинарски култури.