Трговците со нафта ветиле дека нема да предизвикаат  ценовен шок и притоа ќе ги следат цените на светскиот пазар, додека не се донесе новата методологија за пресметка на цените  на бензините и дизелот, велат од Регулаторната комисија за енергетика.

Откако пред два дена престана да важи старата методологија, а новата не се донесе, бензинските пумпи од вторник сами ќе одучуваат по која цена ќе ги продаваат бензините. Нема нити законска можност да евентуално казнување на трговците доколку драстично ја зголемат цената на бензините.

Претседателот на комисијата, Марко Бислимовски изјави дека новите измени на законот следната недела повторно се најдат пред Собранието, а потпис ќе треба да стави новиот претседател на државава, Стево Пендаровски. РКЕ очекува новата методологија за пресметка на цените на бензините и дизелот  да биде донесена до 20 мај.

Со новите измени на Законот за енергетика се предвидува Комисијата цената на горивата да ја утврдува еднаш седмично наместо на две недели.

Цената на горивата, според новата методологија, ќе се пресметува според движењето на цените на светските берзи и средниот курс на доларот, а во пресметката ќе бидат вклучени и трошоците на трговците за набавка, складирање и транспорт. Дополнително ќе се одреди и маржа за профит на трговците, но според регулаторите заработувачката ќе мора да биде разумна.