Мерката за укинување на давачките за увоз на замрзнато свинско место, ги спаси од колапс компаниите од месо – преработувачката индустрија, велат од Групацијата на   преработувачи на месо и производство на месо. Претседателот Гоце Трајчев  се согласи дека мерката дава позитивни резултати, пришто додаде дека индустријата ќе се залага за усогласување на европските регулативи и изедначување на условите за функционирање на месо-преработувачката индустрија со цел уште повисока конкурентност на македонските компании на домашниот и меѓународните пазари.

На средбата во Стопанската комора, вицепремиерот Анѓушев истакна  мерката за укинување на царинската давачка за увоз на замрзнато свинско месо за преработувачката индустрија беше креирана за да ја подигне конкурентноста на компаниите на домашниот, но и на меѓународните пазари, а ефектите од нејзиното воведување се многу позитивни.

„Преработувачките капацитети за месо  беа во тешка ситуација, работеа со 28% од својот капацитет, а во домашните трговски објекти беше забележително присуство на сувомесни производи од странство, во најголем дел од соседните земји. Тие се соочуваа со ситуација кадешто имаше царина за увоз на сурово месо за преработка, додека за сувомеснати производи нема царина, што многу влијаеше на цената на производството и конкуретноста на нашите компании. Мерката ја конципиравме за да не направи никаква дисторзија на пазарот со месо, а во периодот откога се имплементира резултатите се охрабрувачки. Производството на месо во првиот период на имплементација на мерката е зголемено за 6,64%, додека извозот на сувомеснати производи е зголемен за над 40%, со што практично од увозна земја, Република Северна Македонија стана извозник на сувомеснати производи“, нагласи Анѓушев.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски посочи дека второто продолжување на мерката е направено по опсежните анализи и консултации со преработувачите од месната индустрија и со фармерите, како и поради исклучително позитивните резултати од првите шест месеци од воведувањето на мерката.

„Имаме раст на производството на сувомеснати производи и раст од над 40 отсто на извозот на сувомеснати производи. Истовремено се забележува намалување на увозот на свежо свинско месо од 14,3 % како и намалување на увозот на производи од месо од над 10,5 %.  Тоа значи дека оваа мерка воопшто не го наруши домашното производство на свежо свинско месо. Од 1-ви декември лани до 18- ти овој месец се извезени производи од месо во вкупна количина од 880 илајди килограми, што значи дека позитивниот тренд продолжува. Еден од аргументите кој што беше при носењето на оваа одлука беше ниската искористеност на преработувачките  капацитети во оваа индустрија и опасноста од колапс на оваа индустрија. Денеска заклучуваме дека имаме и во дел раст,  а искористеноста на капацитетит од 28 % е зголемена на 40 %“, нагласи министерот Николовски.

При тоа, Николовски посочи дека МЗШВ преку Програмата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и преку мерките од ИПАРД 2 програмата, ќе ја продолжи поддршката на оваа гранка, како важен сектор за развој на земјоделството и на севкупната економија.