Застој на протокот на македонското брашно кон Косово има поради дополнителни проверки дали преку Северна Македонија се врши реекспорт на брашно од Србија. За проблемот се запознати властите во земјата и веќе е  контактирано  со одговорните на Косово.

Министерот за економија Крешник Бектеши потврди дека проблем постои за што веќе разговарал со производителите на брашно во земјава и стапил во контакт со колегата од Косово и добил уверување  дека проблемот ќе биде разрешен за неколку дена.

Ние се грижиме за секој сектор што покажува и фактот дека заедно со министерот за земјоделство кога се воведе царина стапивме во контакт и го решивме проблемот, истакна министерот.

Тој оцени дека билатералните работи што ги имаат другите држави да не влијаат врз нашите производи. Од Министерството за економија наведуват дека последните информации од Царината посочуваат дека нема застој на граничниот премин, ниту вратени камиони.

Откако се воведени царините на Косово во ноември и декември од Македонија се увезени на Косово 2416,6 тони брашно во вредност од 672071 евра. Вкупниот извоз во првите 10 месеци од минатата година е 38,6 тони брашно.

Претходно, српскиот министер за трговија, телекомуникации и туризам Расим Љајиќ изјави дека на цело Косово има српски производи, кои таму доспеваат преку алтернативни патишта.

Имате ситуација во која нашата пченица оди во Хрватска, а потоа се транспортира како хрватска пченица и се продава во Косово. Дел од производите оди така, што на пример се продава на бизнисмен во Македонија, а потоа тој ги реекспортира и продава во Косово, изјави Љајиќ за РТС.