Министерот за економија Крешник Бектеши, на прашање од новинарите,  одговара со прашање. Во однос  на вработувањето на неговата сестра во МЕПСО, односно  дали таа ќе се повлече од работното место, министерот наместо да одговори, ги праша новинарите.

А зошто вие работите таму каде што работите..

Бектеши во продолжение порача дека не чувствува морална одговорност и нема да побара од неговата сестра да го напушти работното место во АД МЕПСО, бидејќи не е вработена во Министерството за економија, полнолетна е, не живее со него, мажена е и сама одлучува за својот живот.

На прашањето дека во меѓувреме во АД ЕЛЕМ се вработила Нертила Усеини Каба, сопругата за братот на неговата сопруга, Бектеши одговори дека нема никаква карвна поврзаност меѓу нив, тој живее во Скопје, а таа во Струга и посочи дека немал можност да влијае на нејзиното вработување исто како што немал и за вработувањето на сестра му.

Во надлежност на Министерството за економија со новото решение е само Македонски енергетски ресурси. Другите енергетски компании не се во надлежност на Министерство. МЕПСО е во надлежност на Министерството за транспорт и врски, а ЕЛЕМ во надлежност на Владата, потенцира Бектеши и додаде дека вршителите на јавни функции секојдневно би требало да даваат објаснување ако од нив се бара да кажат за вработувањето на „четврто, петто и седмо колено и за жената на братот на жената на министерот“.