Забраната за увоз на икра и млада риба од Косово е мерката од македонска страна, која за кратко време предизвика и контра мерка од Косово, за забрана за извоз на компири и мед од Македонија. После реакциите на стопанството за штетите кои ќе ги претрпат и бизнисмените и земјоделците, претставници од македонска и косовска власт ќе се среќаваат, за да се договараат, па да се смират.
Но, оваа мерка и контрамерка, не е прва, а веројатно нема да биде ниту последна.
Лани ( 2018 година) во јули косовската влада ги зголеми за 30 отсто царините за 21 наш земјоделски период. По силните реакции и размислувањата за контра мерки, по две недели Косово се повлече под притисок на ЕУ, а нашите загуби се проценија на 180 илјади евра.
Во 2013 година, Македонија воведе условен увоз на брашно, по што Косово воведе мерка за забрана на увоз од Македонија на производи врз база на жита, брашно, скроб или млеко, слаткарски производи, конзервираано овошје и зеленчук, овошни сокови, газирани пијалоци, пиво, вино , алкохол, оцет, тутун и цигари. Одлуката беше иронична затоа што во Македонија се увезуваат едвај околу 3% косовско брашно. Но, веднаш потоа косовската влада строго го забрани увозот на сите македонски производи, истовремено правдајќи се дека на ваков начин си ги заштитува граѓаните и сопствената економија. По овие одлуки на косовските власти, македонската Влада, еден ден подоцна реагираше со воведување влезни такси за косовските граѓани од 5 евра по автомобил и дополнителни 2 евра за секој патник. И така оваа трговска војна премина во политичка и направи хаос на граничните премини.
Во јули 2012 година, Министерството за трговија и индустрија на Косово воведе давачка од 35 отсто на увозот на цемент. Косово најголем дел од цементот тогаш го увезуваше од Албанија, но удел од 19 отсто на косовскиот пазар имаше и цементарницата „Усје“ од Скопје. По заканите за протести на граничните премини, Владата на Косово донесе одлука од први август да биде укинат Данокот на увоз на цемент во Косово во износ од 35 отсто. Одлуката се донесе поради негативното влијание врз увозот од Албанија, но и од Македонија.
Пред повеќе од 10 години, пак, Косово донесе одлука, мерка за забрана на увоз на нафта и нафтени деривати од Македонија со образложение дека не биле со посакуваниот квалитет и стандарди за косовскиот пазар. Блокадата беше неколку дневна, цистерните со денови беа стационирани на граничниот премин, а секако бизнисот трпеше и тогаш.
Од Здруженијата на транспортери велат дека секоја забрана генерално лошо се одразува на економиите од двете земји.
“Секоја ваква забрана , за едната и за другата страна која е неоправдана лошо влијае на стопанството. Тоа е клекнување на колена на стопанството. Ние сме соседи и не трба да правиме вакви спрепки, треба да има непречен влез и извоз на стока“ вели Билјана Муратовска од Макам Транс.
Никој не ја “шиша“ ЦЕФТА
Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА) е трговски договор меѓу земјите кои не се членки на ЕУ, чии членови се земји од Југоисточна Европа: Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија, Молдавија, Србија, Црна Гора и Косово. Според Цефта – Договор за слободна трговија меѓу овие земји, сите евентуални проблеми би требало да се решаваат во рамки на таа спогодба што постои, но не се решаваат. Кога на земјите им одговара се повикуваат на ЦЕФТА, кога не, никој не ја споменува и поголем дел од забраните се вон сите правила на Договорот за слободна трговија.
Економистите велат дека во вакво време, кога ни треба унапредување на економската соработка , луксуз за стопанствата претставува ограничувањата на увоз и извоз од двете страни. Речиси секоја година ваквите трговски војни кои преминуваат во политички битки се резултат на незрели политичари во двете земји. Апелираат, што поскоро да се реши и овој проблем, за економската соработка да се одвива без проблеми .
Реакција на Стопанската комора – станува збор за популистичка одлука
Забраната за увоз на рибен подмладок и икра не се однесува само за Косово, туку и за сите останати земји кои немаат мониторинг, бидејќи земјава се подготвува од следната година да добие дозвола за извоз на свежа риба на европскиот пазар. Мерката е воведена согласно прописите на ЕУ . Оттука воведување реципрочна мерка од косовската страна за забрана за увоз на одредени производи (компири и мед), во услови кога Македонија упатува на почитување европски правила и прописи, упатува дека станува збор за популистичка одлука донесена како резултат на инатење и попречување на добрите економски односи без основ.
Согласно достапните податоци, извозот на мед во Косово во 2018 година е во вредност од 464.199,00 САД долари, додека во првите 5 месеци од 2019 година е во вредност од 212.227,00 САД долари. Од земјава во Косово годишно се извезуваат од 40 до 1.000 тони компири.
Косовските такси се погрешни и популистички – Реакција и од Стопанската комора на Косово
„Одлуката за воведување на забрана за увоз на мед и компири од Северна Македонија, е во најмала мерка популистичка одлука, која е неразумна и е донесена во погрешно време. Од една страна, се поставува легитимитетот на донесената одлука, затоа што е донесена од Влада која е во оставка, бидејќи Владата во заминување нема право да донесе таква одлука. Косово е во многу тешка положба, и ваквите одлуки се апсурдни и ѝ штетат на иднината на Косово вели Сафет Ѓергалиу, економски аналитичар и поранешен претседател на Стопанската комора на Косово.
Оваа одлука, како и Одлуката од минатата година за воведување на царинска стапка од 100% за производите од Србија и Босна и Херцеговина, придонесуваат Косово денес воопшто да не биде на листата на земји во однос на атрактивноста на привлекување на странски инвестиции, како што покажа и рангирањето на „Фајненшл Тајмс“ објавено пред некој ден.“, реагираат од Стопанската комора на Косово.
За утре е најавена средба на македонскиот министер за економија Крешник Бектеши, со неговиот колега од Косово по што ќе се знае и каков договор ќе биде постигнат.
Comments are closed for this post.