На денешен ден пред 23 години, според официјални извори, за последен пат се сретнале тогашните претседатели на Србија и Хрватска, Слободан Милошевиќ и Фрањо Туѓман.
Местото на средбата е Атина, а како што бележат медиумите, цели три седмици Грците дискретно се спремале за средбата, во консултации со сите важни чинители, вклучително, во прв ред, Американците, пишува српски Телеграф.
Порталот пренесува дека средбата не се одржала на иницијатива на соговорниците, туку одново со заложба и притисок на други, што било правило и обичај, во овој случај со заложба на Ричард Холбрук.
Средбата на тогашните претседатели на Хрватска и Србија во Атина на 7 август 1996 година од грчките медиуми е забележан како втор билатерален состанок на двајцата соговорници, иако за време на војната според неофицијални информации се сретнале 47 пати.
Средбата во Атина била некој вид продолжение на Дејтон, иако грчкиот премиер Костас Симитис сметал за потребно да нагласи дека, на оваа средба, се преговарало „без надзор“.
Знаејќи дека по ваквите средби секоја од страните ќе има свое толкување на состојбите, а дека често тоа може да предизвика нови проблеми, Симитис ги замолил двајцата гости да потпишат заедничко соопштение, некој вид јавна обврска.
Според соопштението, веќе за време на август 1996 ( 23. август, како што подоцна е и направено) министрите за надворешни работи ќе треба во Белград да потпишат договор за нормализација на односите помеѓу Југославија и Хрватска, што во подоцнежната фаза подразбираше и размена на амбасадори.
Милошевиќ постигнатиот договор го оцени како „многу голем чекор“ во интересите не само на двете земји, туку и во интерес на целиот регион. Провладиниот печат во Хрватска нормализацијата на односите со Југославија ги прогласи за „конечна победа во војната, а Туѓман омаловажи деликатноста на преостанатото спорно прашање: „Превлака (полуостров на влезот во заливот Бока Которска) за некои е проблем, но не и за нас“.
Судејќи по официјалните реакции на двете страни, Милошевиќ и Туѓман фокусот на разговорите го воделе кон односите помеѓу Југославија и Хрватска, додека за Босна се кажало само „по некоја реченица“.
Comments are closed for this post.