Загриженост за владеење на правото, економската дипломатија, проактивно лидерство и минимизирање на поларизацијата во општеството предизвикана од континуираните политички превирања презентира и побара денеска бизнис заедницата од Сојузот на стопанските комори на Македонија од претседателот на државата Стево Пендаровски, кој ги повика на директна секојдневна комуникација за прашањата што се важни за економијата и им вети еднаков третман на сите.
Мотор на промените е приватниот сектор и ако приватните иницијативи не бидат поддржани од државата нема да има севкупен развој на државата, рече претседателот на средбата во Сојузот на стопански комори.
Тој потенцира дека во изминатите години политичарите не му помогнале многу на бизнисот и порача дека состојбите мора да се променат и да се ослободи бизнисот од политиката. Според него, економскиот раст е приоритет и треба сите капацитети да се соберат и да се искористат во таа насока, а политиката да не го попречува тоа. Тој порача дека најдобро е да има директна комуникација со бизнис заедницата, бидејќи, како што рече, во овој дел сме многу назад во однос на другите држави.
Шефот на државата се осврна и на она што е во негова надлежност, назначување амбасадори за што рече дека сега веќе полека таканаречената висока политика треба да го отстапува местото.
Мора да разбереме дека ткн. висока политика полека треба да го отстапува местото. Полека влегуваме во таа интеграција. По една долга и мачна транзиција треба да ги менуваме и темите на дневен ред. И во надворешната политика и дипломатијата да пуштаме луѓе кои се познавачи на економијата, знаат нешто од тоа, не како до сега да се занимаат само со висока политика. Тоа треба постепено да престане да биде пракса. Ако нема таков профил за амбасадор тогаш да најдеме 2-3 други во рамки на дипломатско-конзуларните претставништа, истакна претседателот Пендаровски.
За претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска важно во делот на економската дипломатија е лицата кои се кадровски решенија за поставување во допломатските претставништва да имаат вештини и желба да делуваат на промоција на земјата како инвестициска дестинација, но и да служат како линк за деловната заедница во државата каде се поставени како дипломати.
Потребно е да се поттикне зголемувањето на надворешната трговија особено на извозот и негово поттикнување со оглед на тоа што пет отсто од вкупниот број активни трговски друштва во земјата се извозници, рече Арсовска.
Таа ги посочи најважните структурни реформи што треба да бидат приоритет за национална и економска перспектива, а врз кои свое влијание има и претседателот како институција, а кои се однесуваа на приоритетите што ги претставија пред шефот на државата.
Comments are closed for this post.