Со истрагата „Пропаганда“ се опфатени деветмина. Никола Груевски, Кирил Божиновски, Ацо Мисајлоски, Емил Парнаџиски, Владислав Стајковиќ, Саше Стојановски, Елена Колишевска, Марјан Цветковски и Захарија Вулгаракис, поради основано сомнение за сторени кривични дела – злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластување.
Предмет на оваа истрага е влијанието врз јавното мислење и обезбедувањето контролиран проток на информации во средствата за јавно информирање на товар на буџетот на РМ, а во насока на поддршка на делувањето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Постои основано сомнение дека осомничените девет лица формирале злосторничко здружение на чие чело бил осомничениот Никола Груевски кој, заедно со осомничените Кирил Божиновски и Ацо Мисајлоски создале група што имала за цел вршење на кривични дела против службената должност. Делувањето на групата било во две насоки и тоа: преку распределба на средства од државниот буџет и преку преземање на локални телевизии и едно радио да се влијае на независноста на радиодифузерите при создавање на програмите и креирањето на уредувачката политика и да се влијае на содржината на програмата, така што во медиумскиот простор да доминираат идеите и активностите на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, се вели во соопштението од обвинителството на Катица Јанева.
Како што велат СЈО, Божиновски заедно со Никола Груевски, спротивно на Законот за спречување на корупција и Законот за радиодифузна дејност доделувале договори за набавка на услуги – купување на термини за телевизиско и радио емитување или, реемитување на спотови, за различни кампањи на Владата, повластувајќи радиодифузери кај кои можеле да влијааат на уредувачката политика и кои обезбедувале услуги за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
За оваа цел во периодот од 2010 до 2015 година од Буџетот на РМ биле исплатени 30 милиони евра, од кои најголем процент завршиле кај радиодифузерите кои што ја поддржувале политиката и активностите на ВМРО-ДПМНЕ, потенцираат од СЈО.
Воедно, делувајќи по планот на групата, според обвинителите, осомничените Никола Груевски и Кирил Божиновски, помогнати од останатите осомничени лица припадници на групата, во насока на влијание на јавното мислење, спротивно на Законот за радиодифузија и Законот за спречување на корупција, организирале преземање и работење на седум локални телевизиски станици и едно радио, со што прибавиле значителна имотна корист за овие радиодифузери во вкупен износ од околу 5.250.000 евра.
Груевски, велат обвинителите, донел одлука партијата ВМРО-ДПМНЕ да има учество во сопственоста и да ја организира и раководи уредувачката политика на седумте локални ТВ станици и едно радио, иако вакво нешто е спротивно на законите.
Осомничениот Кирил Божиновски, помогнат од другите осомничени припадници на групата го спровел преземањето на телевизиските станици и радиото и ја организирал нивната работа.Целокупното делување било во насока да се прикрие кој реално ја има сопственоста и контролата на медиумите, а самото финансирање на медиумите било од буџетски средства преку доделување на договори за услуги – купување на термини за телевизиско и радиско емитување на спотови на Владата на РМ, смета СЈО.
Воедно за финансирање на овие медиуми биле искористени буџетски средства и на индиректен начин, така што правни лица кои имале склучено договори за јавни набавки со државни органи учествувале во финансисрање на овие медиуми, а ваквиот начин на финансисрање бил овозможен токму од осомничените лица, велат од обвинителството.
Comments are closed for this post.