77 години од почетокот на антифашистичкото востание и народноослободителната војна денеска во Република Македонија ќе бидат одбележани со повеќе настани организирани од Владата, Собранието, Сојузот на борците и општините Прилеп и Куманово.

По повод државниот празник 11 Октомври – Денот на народното востание, владини и сораниски делегации ќе положат цвеќе во Скопје, Прилеп и Куманово. Премиерот Зоран Заев денеска ќе ја предводи владината делегација која ќе оддаде почит и ќе положи свежо цвеќе на Спомен Костурницата во Куманово. Цвеќе ќе положат и пратениците Лидија Тасевска, Мирослав Јовановиќ и Иван Стоилковиќ.

Со одлуката да пристапи кон антифашистичката коалиција Македонија застана на страната на прогресивното човештво, а против фашизмот како најтемна идеологија од современата историја и најсилна негација на општоцивилизациските и демократски вредности. Македонскиот народ самостојно се избори за својата слобода.

Од првите партизански одреди кои ја почнаа борбата, Народноослободителната војска на Македонија на крајот од четиригодишната војна прерасна во доброорганизирана 110-илјадна армија со воени формации од највиок ранг како корпуси и дивизии.

За време на окупацијата од Македонија беа интернирани 58.000 лица, а покрај злосторствата што окупаторите ги вршеа врз недолжното цивилно население, земјата претрпе и огромни економски штети