Во истрагата под име „Хармонија“ се опфатени екс премиерот Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот градоначалник на Карпош Стевчо Јакимовски.

Според СЈО постои основано сомнение дека во 2012 година Груевски, Јанакиевски како министер за транспорт и врски и Јакимовски, со искористување на својата службена положба, како соизвршители, за Приватен Меѓународен Балкански Универзитет Скопје прибавиле значителна имотна корист во износ од 23.730.912 денари, односно 385.868 eвра. Груевски, како што велат обвинителите, поради блиски пријателски врски со лица од Република Турција им помогнал на сопствениците да се стекнат со две градежни парцели на атрактивно земјиште во северниот дел на касарната Илинден, по нереално ниска цена од само 71 денар по м2, наспроти предвидената почетна цена од 1400.00 ден по м2.

Имено, Никола Груевски на седница на Владата издејствувал измена на уредбата која се однесува на продажба на државното земјиште, со што била утврдена почетна цена од 61 денар по м2 за јавно наддавање. Во договор со Никола Груевски, Миле Јанакиевски испратил допис до Стевчо Јакимовски, градоначалник на општината да спроведе постапка за оттуѓување на споменатите парцели по пат електронско наддавање. Со цел да се минимизира можноста за учество и на други правни субјекти во наддавањето, Никола Груевски предвидел дополнителен посебен услов – учесниците освен акредитација за високо образование, да приложат и несразмерно висока гаранција од 100.000 евра по парцела, се вели во соопштението од СЈО.

По објавата за јавното наддавање на почетокот на месец мај, според СЈО Балкански универзитет се пријавува на наддавњето кон крајот на месец мај, но комисијата утврдила и по електрански пат го известила универзитетот дека документацијата не е комплетна и дека не може да учествува. Во договор меѓу Миле Јанакиевски и Стевчо Јакимовски, градоначалникот некомплетните документи му ги вратил на претставник од Универзитетот, по што употребувајки ја својата службена положба побарал од комисијата повторно да ги прими назад, сега веќе комплетните документи и да му допуштат да учествува на електронската аукција.

На тој начин му овозможил на правниот субјект како единствен учесник на аукцијата да се стекне со две парцели по цена од само 71.00 денар по м2, со што му овозможиле на Универзитетот да се стекне со значителна имотна корист во износ од 23.730.912 денари, односно 385.868 eвра. Следната година, во ноември, осомничените Никола Груевски и Миле Јанакиевски повторно на Балкански универзитет му овозможиле противправна имотна корист, во износ од 15.951.237,00 денари односно 259.370 евра, а на штета на буџетите на град Скопје и општина Карпош овозможувајки им незаконски да платат 50 % пониска цена комуналии за изградба на објект на споменатите две парцели, смета СЈО.