Парламентарното собрание на Советот на Европа гласаше позитивно на Русија да и се врати право на глас пет години откако тоа и беше одземено заради „анексијата на Крим“.
Советот на Европа соопшти дека Асамблејата го потврди членството во таа организација на Руската Федерација како и правата „да гласа, да може да говори и да биде претставена во Собранието и во неговите тела“. Гласањето беше со 118 гласови „за“ наспроти 62 против.
Водачот на украинската делегација во Стразбур, Владимир Ариев изјави дека одлуката „е многу лоша порака“.
Советот на Европа е една од најстарите паневропски институции во која членуваат 47 земји.
Минатиот месец Германија и Франција притиснале за постигнување компромис според кој ќе и се дозволи на Русија да се врати во Советот на Европа. Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас објасни дека со компромисот ќе се обезбеди „милиони Руси да бидат заштитени со Европскиот суд за човекови права“.
Но, оваа епизода има и друга страна – една од вистините е дека Русија, заедно со Турција драстично ги намалија своите парични придонеси кон Стразбур, а во буџетот за 2018 година е појавена дупка од околу 45 милиони евра. Тоа значи дека многу активности на институциите во Стразбур не работат во полн капацитет, а документите не можат да се преведат на сите службени јазици во Стразбур.
Со враќањето на правото на глас за Русија, се очекуваат и десетина милиони евра руски контрибуции.
Comments are closed for this post.